Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче информираше дека за месец август ќе бидат укинати квотите во аптеките во регионите на Охрид, Струга, Дојран, околината на Гевгелија и регионот на Ресен. Со оваа одлука, во фази започнува спроведувањето на мрежата за доставување на лекови без квоти и воспоставување на дополнителни механизми за заштита од злоупотреба, рече на денешната прес конференција Васко Паскали, од ОО на СДСМ – Охрид.

  • Ова значи дека за секој лек којшто ќе биде издаден на рецепт, рецептот ќе биде реализиран од страна на Фондот за здравствено осигурување. На овој начин ќе се надмине проблемот со недостатокот од лекови, односно, лековите на рецепт и тие ќе бидат подостапни за пациентите во текот на цел месец а не како досега во првите петнаесет дена од месецот. Вака граѓаните ќе бидат поспокојни дека во секое време медикаментите ќе им се достапни, рече Паскали.

Додаде дека тоа е само прва фаза до целосното укинувањето на квотите за лековите на територијата на целата држава.

  • Овие мерки се во интерес и на лекарите и на пациентите. Преку отворање на специјалистички ординации, младите лекари ќе ги мотивираме да останат и да работат во нашата држава, а пациентите ќе имаат поголема можност да бираат во која специјалистичка ординација сакаат да одат, рече Паскали.