Патронатот на Охридската Гимназија годинава одбележан со тема за 30 години независна македонска држава.
Повторно во посебни услови затекнати од пандемијата го чествуваме патронот на нашето училиште, патронот на градот Охрид, Св. Климент Охридски вели директорката Весна Цветкоска, додавајќи дека тоа воопшто не значи дека стивнува радоста кога се чествува овој великан и по толку многу години и во вакви услови.
Нему му се навраќаме како на извор кој дава живот, зошто ни го покажа патотот по кој треба да се оди низ животните лавиринти. Тоа е патотот на знаењето, учењето, пожртвуваноста, несебичноста, амбицијата. Св. Климент Охридски како вистински учител што ги пренесувал овие вредности на своите ученици, така и ние како негови продолжувачи сме доследни на неговиот завет. Во вакви тешки моменти неговата ѕвезда продолжува да биде најсветла ѕвезда водилка на нашето постоење и учителствување и само не потсетува на благодетта и убавината на воспитно образовната дејност, вели Цветкоска.
Додава дека оваа година кога се навршуваат и 30 години од независноста на нашата држава, поврзаноста на предизвиците како држава и професија е неизбежна. Но, таквата борба создава јунаци во нас и секогаш учиме нешто повеќе за нас, за животот, за луѓето околу нас, а сето тоа не прави да бидеме попосветени во нашата мисија.
Можеби сме млада држава, но благодарејќи на нашиот учител Св. Климент Охридски ги описменивме Балканот и Европа. Затоа секогаш бидете подготвени и со гордо исправени глави, да го освоите светот и да го раширите името на своето училиште, патронот на градот и својата земја. Да си го чуваме македонскиот јазик и македонскиот збор, порача Цветкоска.
Во чест на овој празник, учениците од училиште преку снимени рецитации, музички и ликовни творби се приклучија кон чествувањето.
Наградени беа и ученици на годинешниот Конкурс за најубави литературни, ликовни и музички творби по повод Патрониот празник. За литературни творби I награда доби Михаил Жупан IV-8, II награда Сара Петкоска I-7 , додека III награда Анастасија Љулкова IV-8.
За ликовни творби I награда доби Ангела Србиноска III-5, II награда Ева Китрозоска III-8 и Викторија Печијареска III-1, а III награда Елеонора Брдароска IV-1.
За музички творби наградени беа Анастасија Филоска III-4 со I награда, II награда Наталија Танеска I-3.
Н.С.Ј.












