Поради нарушените состојби за нормално работење на ЈП “Охридски Комуналец”, В.Д. директорот на ЈП “Охридски Комуналец” Боро Павлоски ги кани кандидатите за градоначалник на Охрид во просториите на дирекцијата на претпријатието на работен состанок, на кој тој ќе ги информирање за состојбите и влијанието на изборната кампања во
нормалното работење на ЈП “Охридски Комуналец”.


Најавената средба доаѓа по ескалирањето на настаните во јавното комунално претпријатие каде поголем дел од вработените штрајкуваат заради неисплатени плати. Поради тоа веќе трет ден не се подигнува сметот од охридските улици.



Жиро сметката на „Комуналец“ поради активирани судски извршни решенија по основ на стари долгови е блокирана, а со одлука на судот на претпријатието му е одреден месечен лимит од 2 милиони денари за тековно работење кои според раководството не се  доволни ниту за набавка на гориво за механизацијата. В.Д. директорот Павлоски објаснува дека за нормално функционирање на претпријатието и плати за вработените  месечно се потребни 7,9 милиони денари, што било укажано и во жалбата што „Комуналец“ ја поднел до второстепениот суд во Битола.

Заради неисплатената јануарска плата, поголемиот дел од вработените не ги извршуваат своите задачи, но се прават напори да се стави состојбата  во нормала, изјави вчера за „Ohridnews“, Павлоски.



В.Д. директорот на Комуналец Боро Павлоски е кандидат за градоначалнк на Охрид од ЛДП, а протетсот на вработените започна во екот на изборната кампања, поради што случајот доби и политичка димензија.

Ohridnews