Македонската берза годинава продолжува да бележи висок раст на прометот на капитал, кој до денес изнесува 82 милиони евра, што е повеќе од вкупниот промет за цела 2017 година, а МБИ индексот во првиот квартал од оваа година бележи раст од 16 %. Тоа според првиот човек на Македонска берза Иван Штериев се должи на повеќе фактори.
-Објаснувањето е добра комбинација на фактори, добри резултати на котираните компании, еден пролонгиран период на раст на цените што го зголемува таканаречениот пазарен сентимент, значи инвеститорите се оптимисти, има позитивни очекувања за пробив во евроатлантските интеграции на земјата, значи еден микс на фактори кои влеваат оптимизиам. Но, од друга страна не треба да ставаме розови наочари. Дел од проблемите со кои со години се соочува пазарот остануваат, се тргува со исти инструменти, нема нови котации, има потреба од подобрување на корпоративното управување во компаниите и деловната практика. – рече Штериев.
Тој посочи дека и натаму предизвик на берзата останува малата вклученост на странските компании на пазарот на капитал.
– Настрана од блок трансакациите на берзата, учеството на странските инвеститори на куповната страна од прометот е доста ниско. Тоа е предизвик, да се вклучат странските инвеститори на берзата кои ќе ги зајакнат позитивните трендови и истите ќе ги направат одржливи. – додаде Штериев.
Синиша Крнета, директор на Белградската берза вели дека растот на прометот на Македнската берза е највисок во опкружувањето. Тој укажува дека берзата е клучниот фактор за реален економски развој.
-Нашите друштва се уште не сфаќаат дека берзите не постојат заради самите нив, тие всушност треба да даваат решенија не како алтернативен, туку како клучен начин на финансирање на растот и развојот, сигурно ќе ве изненди ова, на приватниот сектор. Никакви државни субвенции, проекти и дотации од буџетот, посебно на сметка на даночните обврзници, не можат да го заменат тоа што може да го направи пазарот. – вели Крнета.
Министерот за финансии Тевдовски ги поздрави добрите резултати на берзата кои, како што рече, ги потврдуваат позитивните трендови во домашната економија и излегувањето од кризата во која таа се наоѓаше изминатите години. Сепак, тој смета дека таа и натаму е кревка и потребна и е помош од државата.
– Ако во минатото за непродуктивни трошења за фасади и споменици се наоѓаа средства, мора да најдеме начини да ја поддржиме економијата. – рече Тевдовски.
Една од планираните економски мерки на владата останува и воведувањето на прогресивен данок од 2019 година.
– Ако видите колкави се вкупните буџетски приходи на Македонија од БДП, тие изнесуваат 28.5 %, најниски во Европа заедно со Косово. Тоа се пари од кои државата треба да финансира подобро здравје, образование да гради инфраструктура. Ако сакаме нешто сериозно да вложуваме нема друго мора да се задолжувате. Сакаме ниски даноци, а да градиме здравство, образование, патишта и да не се задолжуваме. Ни треба праведно оданочување, но сме умерени. Бидејќи велиме дека проблем е ефикасноста на институциите, а ако некој плаќа повеќе даноци сака да знае како се трошат парите, најавувам поголема транспарентност на Министерството за финансии кое трезорот ќе го објави на вебсајт како во Словенија, каде сите ќе може да следат како државата ги троши народните пари. Тоа ќе биде сериозна алатка за подобрување на ефикасноста на институциите. – истакна Тевдовски.
Во Охрид денеска се одржува 19 годишна конференција на Македонската берза, на која со интервју пред присутните, учество зеде министерот за финансии Тевдовски. На конференцијата експерти од областа на финансиите од земјава и странство, дискутираат за трендовите и проблемите на пазарот на капитал.
Г.М.
















