Долгот на Општина Охрид и општинските претпријатија изнесува 1 354 432 649 денари или околу 22 милиони евра, информираше на денешната прес конференција градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков. Согласно Физибилити студијата од 5.07.2021 година која беше презентирана пред советниците на Советот на Општина Охрид вкупниот долг на општината по сите основи изнесувал 296 милиони денари. Од тој момент до 8.11.2021 година долгот се зголемил за фрапантни 494 291 778 денари, речиси двојно од тоа што бил, рече Пецаков.

Сега вкупниот долг изнесува 856 831 830 денари. Сакам да нагласам дека после финансиската помош од Владата на РМ за раздолжување на општината, долгот изнесувал 530 милиони денари. Ова значи дека во самиот предизборен период, пред и во текот на кампањата, долгот на Општина Охрид се зголемил за нешто повеќе од 8 милиони евра. Ова е резултат пред и се на недомаќинско работење, предимензионирање на буџетот, одвојување големи суми за времени вработувања, трансфери кон невладини организации и медиуми. Само во последните две ставки трансферите од претходната година до оваа се разликуваат за дополнителни 250 илјади евра, рече Пецаков.

Додаде дека по основ на обврски, склучени договори Општина Охрид должи 66 540 000 денари. Околу 1 милион евра треба да се платат за договори кои се реализирани, делумно или воопшто не е почната нивната реализација, додавајќи дека оваа сума е пресметана според договорите додека реалната веројатно е поголема.

Иста е состојбата и во Јавните претпријатија, наталожувани долгови по сите основи. Лидер по долгови е ЈП „Водовод“ со долг од 309 345 403 денари, од кои 244 989 712 денари е долг кон новоформираното ЈП „Колектор“ од делбениот процес, а од основањето генериран долг од самото ЈП е 61 640 880 денари. Веднаш по него е ЈП „Билјанини извори“ со вкупен долг од 78 милиони денари, ЈП „Охридски Комуналец“ со долг од 60 милиони денари, ЈП „Нискоградба“ со долг од 46 657 094 денари, ЈП „Градски пазар“ со долг од 2 400 000 денари и ЈП „Градски гробишта“ со долг од 1 милион денари. Вкупно сите претпријатија должат околу 500 милиони денари или околу 8 милиони евра, рече Пецаков.

Потенцираше дека во 2017 година по промената на Локалната власт и промената на директорите на ЈП, сите општински претпријатија биле во добра кондиција со плус средства на нивните сметки.

Н.С.Ј.