СДСМ нема концепт за развој на туризмот и развојот на Охрид и унапредување на заштитата на Охридското езеро, тоа се гледа и од Предлог буџетот за 2021. Власта со ништо не ги помага нуту туристичките работници, кои беа најмногу погодени од КОВИД 19 пандемијата, туризмот тоне, а Охрид и охридско ќе бидат заборавени и во идната 2021 година. Ова денеска на прес конференција го изјави пратеникот на ВМРО ДПМНЕ од Охрид Кирил Пецаков.
Тој најави дека ВМРО-ДПМНЕ преку амандмани на буџетот за 2021 година предлага низа мерки неопходни и потребни за Охрид и охридско, но и за туризмот во целост, во целата држава. Меѓу другото ВМРО ДПМНЕ бара и изградба/уредување на градскиот Кеј во Охрид, отварање на дневни центри за деца и лица со пречки во развојот во Охрид, како и креирање на специјалистички едногодишни студии за работа во култура за туристички цели: археологија, етнологија, историја на уметност, историја, реторика, етика и сл.
На тој начин би се вратил интересот за овие научни гранки, а туризмот би се збогатил со луѓе кои се компетентни во овие научни теми. – рече Пецаков.
ВМРО ДПМНЕ со амандман бара набавка на специјален пловен објект за превенција и интервенирање при итни ситуации во медицинска, противпожарна, спасувачка цел по охридското крабрежје, развој на мобилна апликација Brаnd Macedonia, поддршка на патувања низ Македонија, изработка на информациски систем за туристите, но и дигитализација на царинската управа.
Пецаков истакна дека ВМРО ДПМНЕ предлага и субвенционирање на угостителски капацитети кои би добиле статус зелени хотели/зелени ѕвездички, евидентирање и промоција на еколошки зони (еко – туризам), како и евидентирање и промоција на верски објекти, изградба на патно поврзување на селото Куратица со Општина Дебарца, формирање на посебен развоен фонд за туризмот и угостителството.
Опозциската партија амандмански бара и зградба на катна гаража во Охрид, реконструкција со надградба и доградба на објектот на НУ Центар за култура Григор Прличев, со цел обезбедување на нов објект наменет за Народниот театар, изградба на велосипедска патека Охрид-Свети Стефан, изградба на откупно-дистрибутивен центар за земјоделски производи во Охрид. ВМРО ДПМНЕ предлага и изградба на станови за млади кадри во планските региони (со посебен акцент на инженери) за потребите на извозно ориентираните компании, Формирање на централно тело за јавни набавки и формирање на посебна Туристичка инспекција или полиција.
Туризмот и Охрид за мене како пратеник од Охрид секогаш се на прво место, но и за ВМРО-ДПМНЕ. Затоа ќе продолжиме да се бориме со сите средства кои ни стојат на располагање. Оттука, ги повикувам пратениците од владеачкото мнозинство да ги поддржат нашите амандмани и да покажат дека искрено работат и се грижат за потребите на граѓаните, во спротивно по којзнае кој пат ќе докажат дека воопшто не ги интересираат потребите на граѓаните туку само нивните теснопартиски интереси и бизниси. – рече пратеникот Пецаков.
OhridNews












