Денеска во употреба беше пуштен нов филтер на печката за согорување медицински отпад во „Дрисла“. Како што рече градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, „Дрисла“ повеќе нема да го загадува воздухот и нема да биде фактор за загадувањето на воздухот, особено во населбите околу мерната станица во Лисиче.

Станува збор за филтер кој е поставен на инсенераторот за согорување медицински отпад и ги апсорбира ПМ10 честичките, јаглерод моноксидот и другите честици што се ослободуваат при согорувањето. Поставувањето е во согласност со препораките на Државниот инспекторат за животна средина. Филтерот ќе се користи до поставување нова печка, а претходната  била надвор од функција неколку месеци, односно по контролата на Државниот инспекторат, чиј заклучок беше дека не ги исполнува критериумите за дејноста што ја врши.

Со цел креирање целосно еколошко решение, горивото на кое работи печката, нафтата, е заменета со гас пропан-бутан. Самиот филтер се состои од механички фаќач на ПМ-честички, ладилник, активен јаглен, порозна бронза и спреер со водена магла. Над спреерот со водена магла е оџакот на кој има отвор за приклучување сонди за мерење.