Охридското Езеро и Дримскиот Басен не се само природни ресурси, туку непроценливо природно и културно наследство со исклучително значење за целиот регион и Европа. Овој екосистем претставува извор на живот, биолошка разновидност, економски развој и одржлив туризам, но истовремено и наша заедничка обврска кон идните генерации, рече градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков во обраќањето на 10-тата јубилејна Дримска конференција што се одржа во Струга.

Локалната самоуправа активно и континуирано се залага за заштита на животната средина и одговорно управување со природното наследство на овој регион. Уште од иницијалната фаза на проектите за заштита на Охридското Езеро и управувањето со Дримскиот Басен, Општина Охрид ја дава својата целосна политичка и техничка поддршка на процесите кои се од исклучителна важност за зачувување на овој уникатен екосистем, рече Пецаков.
Посочи дека овој простор е дел од светското наследство под заштита на УНЕСКО и од Прекуграничниот биосферен резерват Охрид–Преспа, што дополнително ја нагласува одговорноста за негово зачувување.
Како локална власт, особено сме фокусирани на мерките за намалување на загадувањето на водите, како од дифузните извори, така и од урбаните средини. Во таа насока, Општина Охрид веќе реализира конкретни активности за уредување на атмосферските канали и зафати, како и за подобрување на инфраструктурата за управување со отпадните води, со цел директна заштита на езерскиот екосистем. Ќе продолжиме активно да придонесуваме и како Општина и како Југозападен плански регион, во зајакнувањето на прекуграничната соработка во контекст на заштитата на водите во Басенот.
Изрази верување дека преку координирани и заеднички активности може да се обезбеди долгорочна заштита на природните вредности, но и значајни економски придобивки, особено во областа на одржливиот туризам и зелената економија.
Во наредниот период ќе се залагам и за ревитализација на Билатералниот комитет за заштита на Охридското Езеро, воспоставен врз основа на договорот за заедничка заштита со албанската страна. Сметаме дека ова претставува клучна платформа за координација, дијалог и развој на идните активности за заштита на езерото и Басенот. Во однос на пристапот до финансиски средства за поддршка на проектите, Општината и Југозападниот плански регион веќе имаат стекнато значајно искуство. Подготвени сме тие искуства дополнително да ги унапредиме и заеднички да пристапиме кон донаторската заедница, со цел обезбедување средства за реализација на приоритетните мерки од Стратешкиот план за Дрим и Планот за управување со Охридското Езеро, истакна Пецаков.
Додаде дека само преку партнерство, доверба и заедничка визија може да се зачуваат Охридското Езеро и Дримскиот Басен како трајно наследство за идните генерации.
На отворањето на конференцијата свои обраќања имаа и заменик-претседателот на Владата на Република Македонија и министер за транспорт, Александар Николоски, како и претставници на институции и организации од Албанија, Косово, Црна Гора и Грција.

Нашиот интерес останува насочен кон понатамошно зајакнување на прекуграничната соработка во управување на Охридското и Преспанското Езеро, како и со реката Дрим, како неразделни делови од овој единствен басен. Наша одговорност е да продолжиме да градиме модел на регионална соработка што носи стабилност, просперитет и еколошки и економски интегритет на идните генерации, рече Николоски.
На настанот учествуваат и претставници на УНДП, Економската комисија на Обединетите нации за Европа (UNECE), GWP-Med и други меѓународни партнери вклучени во процесите за заштита и одржливо управување со водните ресурси во Дримскиот Басен.
OhridNews













