Претседателот Стево Пендаровски во обраќање на Форумот на млади лидери во Нови Сад, Србија, зборувајќи за европските перспективи на земјите од регионот истакна дека има разбирање за иселувањето на младите, посочувајќи дека никој не е луд да го троши животот во држава која со години преговара со Европската унија. Со плата од 400 евра и без шанса да се успее дома, Пендаровски рече дека и тој би се отселил.

И за две и за десет години мислам дека регионот ќе има уште помалку луѓе, особено млади. Таа бела чума мислам дека ќе не следи уште долго. Овие млади луѓе можат да се иселат низ светот кај сакаат за подобар живот и повисоки примања. Но многу е важо ние како политичари да им понудиме прва шанса да успеат овде. До сега тие немаа прва шанса да успеат во регионот и ние не можеме да кривиме само нив, тие имаат само еден живот. Просечна плата во мојата држава, мислам и во регионт е слично,  е 400 евра. И јас кога не би бил претседател би се селел од мојата земја. – рече претседателот Пендаровски.

Овој став на претседателот предизвика силни реакции во домашната јавност и политички препукувања, а социјалните мрежи се полни со најразлични коментари.

Пендаровски вечерва преку соопштение ја дообјасни дадената изјава, истакнувајќи дека сите политички водства се одговорни за масовното отселување на младите.

Ја разбирам потребата за дадената изјава на Регионалниот младински лидерски форум во Нови Сад да биде врамена во дневни партиско-политички пресметки, но трендовите во целиот регион и кај нас се неспорни. Губиме висококвалификуван и млад кадар. Одговорноста е на сите политички водства, од независноста до денес. Вклучително и моја. Доколку немаат суштинска европска перспектива, поголеми плати и поквалитетен живот, младите ќе продолжат масовно да се иселуваат.

Младите мора да имаат прва шанса да успеат дома.

Стево Пендаровски