Претседателот Стево Пендаровски, денеска во Охрид се сретна со дел од учесниците на конференцијата „Охридски дијалог“.

На средбата со Џорџ Робертсон, претседавач со Охридската група и поранешен Генерален секретар на НАТО, претседателот Пендаровски му се заблагодари за досегашната поддршка којашто тој лично, но и Охридската група како целина безрезервно ја даваат за земјата.

На маргините на „Охридскиот дијалог“ претседателот Пендаровски се сретна и со челните луѓе на Атлантскиот совет и високи претставници на НАТО, односно Александер Вершбоу, Дејмон Вилсон, Марк Лејти, Џорџ Базби и Алесандро Минуто – Ризо, информира кабинетот на претседателот..

Претседателот Пендаровски го искажа своето задоволство од брзата ратификација на пристапниот протоколот за полноправно членство на Северна Македонија во НАТО. Како што посочи претседателот Пендаровски, протоколот за членство на земјата во НАТО во своите парламенти преостанува да го ратификуваат уште три земји, односно Франција, Холандија и Шпанија.

На средбата претседателот Пендаровски го реафирмираше ставот дека единствена алтернатива за државата е членство во НАТО и во Европската Унија.

„Патот до Алијансата веќе е на самиот финиш. Станувајќи 30-та членка на НАТО ќе биде загарантирана безбедноста и сигурноста на С.Македонија“, истакна претседателот Пендаровски и додаде дека „единствена алтернатива за земјата е полноправно членство во НАТО и во Европската Унија“.

Во таа насока, како што рече претседателот Пендаровски, и покрај скорешното разочарување од недобивањето на датум, земјата пред се, поради своите граѓаните, неопходно е со побрзо темпо да ги заврши започнатите реформи. На тој начин, заклучи претседателот Пендаровски, ќе создадеме општество со европски вредности.

Охридскиот дијалог чиј официјален дел почна денес зад затворени врати во Охрид, претставува стратешкиот дијалог за унапредување на прогресивните и напредни решенија за предизвиците со кои се соочува нашата земја и регионот.

Како дел од Охридската група се и поранешниот генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, голем дел на поранешни и сегашни дипломати, чија цел е преку активни решенија да ѝ помагаат на Македонија во остварување на своите евроатлантски интеграции.

OhridNews