Пензионери од селата во охридско и Дебрца, по примерот на пензионерите од Скопје, бараат  еднаш неделно да им се овозможи да користат бесплатен автобуски превоз до Охрид.

Како што потенцираат од Здружението на пензионери, голем број нивни членови кои живеат во руралните средини добиваат многу  ниски пензии, а со оглед на тоа што во најголемиот број од местата на живеење немаат амбуланти или аптеки, ниту пак можат да купат се што им е потребно во секојдневното живеење, принудени се често да доаѓаат во Охрид.


Се обидуваме преку локалната самоуправа да најдеме решение и нашите пензионери еднаш неделно да можат да користат бесплатен превоз, како во Скопје. Ќе направиме се за ова барање од членовите да го реализираме, вели претседателот на здружението, Ѓорѓи Трпчески.

Барањето од страна на Здружението на пензионерии веќе е испратено до локалната самоуправа, а од нивна страна била побарана средба и со градоначалникот.


Од Локалната самоуправа велат дека во тек е проценка за согледување на законските и финансиски можности на општината, со цел да се утврди дали може позитивно да се одговори на барањето на пензионерите.

Локалната самоуправа секогаш ги поддржува пензионерите, па и во овој случај постои добра волја, но треба да се разгледаат можностите  со оглед на тоа дека  доколку барањето се прифати, трошоците би оделе на товар на локалната самоуправа, велат оттаму.

Доколку се создадат услови, според изготвените списоци на Здружението, бесплатен автобуски превоз би користеле 2350 пензионери кои живеат во руралните средини.

Т.К.