Со концерт на словенечката акапела атракција „Перпетум Џезиле“, вечерва во 21 часот на Античкиот театар, фестивалот „Охридско лето“,ќе го прослави 52 роденден. Воедно ќе биде одбележана и 60 годишнината од постоењето на Европска асоцијација на фестивали чиј член е „Охридско лето“.


Светски популарниот вокален состав го сочинуваат педесеттина ентузијасти од различни професии, во својата 28-годишна историја има настапувано на бројни фестивали и концерти. Сепак, како што истакнаа членовите на словенечката акапела група, да се настапи на „Охридско лето“ е вистинска чест и привилегија.

-Почестени сме што сме поканети да настапиме на Охридско лето, кој е исклучитечлен светски фестивал и мислам дека вечерва ќе направиме еден одличен концерт кој ќе ги задоволи вкусовите на македонската и меѓународната публика, изјави Баштијан Усеник – менаџер на „Перпетум Џезиле“.


Ансамблот „Перпетум џезиле“ изведуваат џез, блуз, боса нова, свинг, фанк, госпел и поп музика, без музичка подлога, а за вечерашниот настап во Охрид подготвуваат и изненадување за публиката.

-Ние сме познати по жанровски различен репертоар, со кој ќе настапиме вечерва во Охрид, но подготвивме и неколку изненадувања, кои се надевам дека ќе и се допаднат на публиката, рече Сандра Фекетија – диригент.


Акапела составот „Перпетум Џезиле“ е добитник на бројни награди и признанија Во 2006 година хорот го издаде албумот „Чудна ноќ“ под етикетата на „Dallas Records“ и стана добитник на престижната награда „Виктор“ за 2011 година, своевиден пандан на наградата „Grammy“. Нивната изведба на композицијата „Африка“ на Тото од поставувањето на „Ју-тјуб“ е изгледана околу 13,5 милиони пати.


Во очи вечерашниот фестивал дел од членовите на „Перпетум Џезиле“ присуствуваа на средба со новинарите и со кратка свечена нумера му го честираа роденденот на фестивалот кој беше засладен со торта.

OhridNews