Жителите на струшките села Велешта, Боровец, Радолишта, Октиси и Мислешево во иднина ќе можат да набавуваат лекови преку позитивната листа на Фондот за здравствено осигурување во своите населени места. Ова ќе го овозможат Аптекарските станици кои ќе се отварат во овие села согласно мрежата на здравствени установи на Министерството за здравство, бројот на жителите во населените места, оддалеченоста и достапноста на населените места.

-Со измената на Законот за лекови и медицински помагала е предвидeно здравствената установа–аптека, што има две или повеќе организациони единици-аптеки, во состав на подрачјето на иста општина, задолжително на секои две организациони единици-аптеки во нејзин состав да отвори и организациона единица–аптека или аптекарска станица во населено место во рурална средина. Со цел да се мотивираат аптеките да отвораат аптекарски станици, со Законот за лекови се овозможи истите да немаат комплетен фармацевтски тим, односно да можат да работат само со фармацевтски техничар, појаснуваат од ФЗОМ.

Освен во струшките села, вакви аптекарски станици ќе бидат отворени уште во 40-тина села во сите региони на Република Македонија.

-Со аптекарските станици директно ќе бидат опфатени повеќе од 90 илјади граѓани кои живеат во руралните средини каде е сместена аптекарската станица, како и огромен број граѓани кои живеат во соседните населени места. Важно е да се потенцира дека децении наназад, а некои населени места никогаш немале аптеки, а граѓаните од овие места биле приморани да патуваат до најблискиот град за да можат да подигнат лек на рецепт. Со овој проект го решаваме повеќедеценискиот проблем на граѓаните и овозможуваме тие да имаат поголема достапност до лековите, потенцираат од ФЗОМ.

Според најавите, за проектот Аптекарски станици Фондот ќе одвојува 31,4 милиони денари годишно.

OhridNews