Долги петнаесет години Охрид го чекаше својот прволигаш. Генерации фудбалери и тренери минаа на терените на “Билјанини Извори“ сите со единственото мото, “Охрид заслужува прволигаш“.


И по 15 години чекање и тапкање по рамо, клубот на 25 јуни 2011 година успеа како второпласиран во Втората лига да забележи историски триумф и да обезбеди пласман во елитното друштво.

Како што тоа и вообиачено бива, се организираше “фешта“ на која се ветуваа брда и долини. Од клубот најавуваа темелна реконструкција и реорганизација за што подобро преставување во елитата.

Но тиквата пукна после неполна недела од обезбедниот влез. Тренерот кој беше најголемиот “виновник“ за изборениот пласман во елитатата, Зоран Ѓорески – Џајо го напушти клубот,

Управата на ФК Охрид, се најде затечена по одлуката на првиот тренер за напуштање на  клубот, но најави нови сили во прволигашкиот живот. За нов шеф на стручниот штаб  беше назначен Здравко Цветаноски кој го презеде жешкиот костен во своите раце.


Подготвките на фудбалерите “како-така“ започнаа, а уште на првиот чекор охриѓани наидоа во неизвесност. Котизацијата за учество во Првата лига, Управата на клубот ја плати во последниот ден од пропишаниот рок.

Градоначалникот на Охрид, Александар Петрески пред стартот на шампионатот, истакна дека за Охрид е од огромно значење да има стабилни прволигаши, напоменувајќи оти спортот е од голем интерес на локалната како во поглед на развојот така и на продлабочувањето на спортскиот туризам.


Градскиот стадион во Тетово беше местото каде ФК Охрид 2004 отвори ново поглавје во својата фудбалска историја. “Рибарите“ само трет пат по осамостојувањето на Македонија играа во најсилното фудбалско првенство.

На првиот меч во Првата лига, “рибарите“ претпреа пораз од Ренова со 2-0. По поразот од Ренова, следуваше уште еден меч во Тетово кој заврши со реми 1-1 против Тетекс. Премиерата на домашен терен ја имаа против Силекс. Мечот заврши со победа од 2-0 извојувана во последните минути од мечот.



Следуваа порази на гости од Брегалница 3-1 и на домашен терен од Вардар со 2-0. Поразот од Вардар беше кобен за Цветаноски кој ја напушти охридската клупа.


На негово место доведен беше српскиот стручњак Драган Антиќ, кој на македонската јавност  и беше познат по неговиот ангажман во Милано. Тој најави обид да се консолидираат редовите на охридските бели, и да се формира стабилен прволигаш.

Резултатски Охрид, закрпена ,“рибарите“ се сладеа на победа на гостувањето кај Турново 2-1, ,но на организациски план работите никако да се поместат. Следуваше преписка со ЈП “Билјани Извори “за и околу користењето на условите на Градскиот стадион. Од Јавното претпријатие дури се заканија со тужба за предизвикување на материјална штета, 

Гласот против Управата на клубот го дигнаа и фудбалерите кои најавија бојкот на мечот против 11 Октомври, . Сепак најавите не се остварија и тоа по средбата со Управата која повторно им вети на фудбалерите исплаќање на заостанатите премии и плати. Мечот се одигра, а заврши без победник 1-1.


Победите на зелениот терен се нижеа, но проблемите на маса се таложеа. Оставка од позицијата спортски директор најави потпреседателот на клубот. И покрај серијата победи над Работнички 2-1, Напредок 3-1, како и ремито 2-2 против Ренова ситуацијата во клубот кулминираше на мечот против Тетекс, кога фудбалерите пред јавноста и покажаа на Управата  што очекуваат од нив.

По минималниот триумф над Тетекс од 1-0, Охрид се пласираше на четвротото место на прволигашката табела, што беше најдобар пласман сезонава.

Во меѓувреме фудбалерите повеќе време минуваа во собраниските клупи, на средби со градоначалникот Петрески, отколку на терен. Формиран беше кризен штаб кој требаше да биде предводен од охридскиот градоначалник Александар Петрески, а во неговиот состав да влезат охридските советници, дел од актуелното раководство, фудбалери, преставник на навивачите, како и дел од охридските стопанственици ќе ги решават проблемите кои се наталожија во охридскиот клуб. За воља на вистината овој кризен штаб во вака најавениот состав не одржа ниту еден состанок.



По поразот од Силекс, со што беше ставен крај на позитивната серија, следуваше серија преписки на охридскиот стратег Драган Антиќ со раководните лица на ФФМ, за што заработи едно месечна суспензиија.

“Лудориите“ на српскиот стратег продолжија на мечот со Вардар. Охриѓани повеќе од успешно им парираа на “црвено-црните“ кои со погодок во 88 минута го скршија “белиот“ бедем. По тој погодок Антиќ прво ја повлече екипата за да потоа им “нареди“ да стојат на теренот. Оса го искористи моментот и ги постави конечните 2-0.


Повторно следеа дисциплински постапки , и мерки за охридските фудбалери и српскиот стратег. Случувањата на теренот во Ѓорче му донесоа 14 месечна суспензија на Драган Антиќ. По последниот меч и поразот од Металург со 6-0 кој беше најтежок во “ерата“ на Рецко, србинот го напушти Охрид.


По завршувањето на првиот дел од сезоната, плејада фудбалери го напуштија охридскиот клуб. За нов стратег беше назначен Горазд Михајлов, а Управата на клубот го пријави Охрид во ФФМ за лиценцирање за учество во натпреварувањата организирани од страна на УЕФА за сезона 2012/2013.


Повеќето нови фудбалери кои во зимскиот преоден рок пристигнаа во таборот на охридскиот фудбалски клуб Охрид 2004 доаѓаа од соседна Србија. Покрај српските интернационалци, охриѓани имаат и нов кормилар кој ќе ги води во вториот дел од сезоната. 

На стартот на пролетната сезона, охриѓани ремизираа 0-0 со Турново.Следуваше победа над 11 Октомври на гости со 3-0, што се покажа дека тоа ќе биде единствениот триумф на “рибарите“ во вториот дел од сезоната. По поразите од Работнички, 0-1 и оној од Напредок со 3-0, Горазд Михајлов го напушти Охрид.


Тренерската вртелешка продолжи на охридската клупа. Жешкиот костен сега се падна во рацете на поранешниот голман Миле Цветкоски, кој остана на клупата во обид да се избегне најлошто за клубот.


Но серијата порази вооопшто не одеа во прилог на поранешната единица, се нижеа порази од Шкендија 1-0, Металург 1-4, Вардар 4-0, Напредок 1-2 и Брегалница 2-0 Во обид да се спаси нешто Управата на клубот го ангажираше Наум Љамчевски како советник.


Но ни советите на искусниот битолчанец, не го дадоа посакуваниот резултат, по двете ремија против Тетекс 0-0, и Турново 1-1, следуваше пораз од 11 Октомври кој дефинитвно ги разниша шансите за обезбедување на опстанокот.


На мечот со Работнички на домашен терен Охрид остана без српските интернационалци, а навивачите побараа Управата да го напушти клубот. Ниту публиката дојдена на трибините во Охрид не веруваше во својот клуб, играјќи го мечот со Работнички во спортските обложувалници чиста двојка.

По овој пораз охриѓани веќе беа второлигаши. Оставени сами на себе, “белите“ ги одигра последните два меча од шампионатот. Управата одамна не беше дојдена на стадион барем да ги види фудбалерите.


Поразот од 7-1 во последното издание на охридскиот тим во Првата лига само потврди до каде може да се оди со импровизациите и каква е цената за нивното имплементирање. Каков може да биде крајот на една ваква авантура? Секако неславен.

Дали ќе треба да се чекаат нови 15 години, за охриѓани повторно да гледаат прволигашки фудбал?

Мирко Постоловски