Изминува јуни, а охридската капетанија се уште  чека новиот бран да  исфрли директор. Во меѓувреме, граѓаните не можат да ги регистрираат пловните објекти, а обезглавената капетанија не може да се грижи за безбедноста во езерскиот сообраќај, рече на денешната прес- конференција градоначалникот Александар Петрески која ја оддржа пред Капетанијата на пристаништа.

– Ова е последниот, во долгата низа удари кои власта им ги нанесува на граѓаните на Охрид и врз туризмот во целина. Патиштата кои водат до Охрид се во лоша состојба. Градот предолго време е без болница. Владата одбива да плати комуналии за објектите кои планира да ги гради и со тоа ги крши принципите на децентрализација. Како што гледаме, дури ни трагедијата со бродот Илинден не беше доволна да ја освести власта и да ја направи поодговорна, додаде Петрески.

Според него, Охрид не добил апсолутно ништо од Владата, освен навреди и омаловажувања преку рекламите со кои ги навредува охридските угостители и домаќините со сместувачки капацитети.

– Од една страна не навредуваат дека не знаеме да се однесуваме со туристите, од друга власта не запира со неодговорното однесување кон туризмот. Залудни се тврдењата на вицепремиерот Пешевски дека туризмот бележи раст кога основната институција за безбеден и организиран туризам нема директор, рече градоначалникот.

Тој со апел до власта да престане со негативните и штетни политики поврзани со Охрид и да овозможи вистински поттик за развој, бидејќи градот не е само на охриѓани, туку истовремено е дел од светското културно богатство.

Никој нема право, а особено не од партиски причини, градот да го држи во заложништво  и под стеги како што тоа подмолно го прави ВМРО ДПМНЕ во изминативе шест години. Ако не се инвестира во Охрид и туризмот и туристите ќе станат ендемски вид – рече на денешната прес – конференција градоначалникот на Општина Охрид, Александар Петрески.

OhridNews