Првото новородено бебе годинава е женско. Нејзиното име започнува на буквата А, а освен тоа, почетокот на 2009-та го означи и снегот. Според тоа, ги имаме сите предуслови за бериќетна година. Ова го изјави охридскиот градоначалник Александар Петрески пред денешната посета на првото родено бебе годинава, Антонија Михајлоска.


Петрески подвлече дека исто како и пред 4 години, кога тој ја презел градоначалничката функција,  првото дете кое дојде на свет е женско, а и тогаш заврнало снег.

Тој денеска им посака здравје, среќа и долг живот на Антонија, нејзината мајка, на сестрите Луција и Бојана, како и на таткото Павле, кој како што кажа е негов другар од училиштните клупи.

Во оваа пригодата бебето беше дарувано со подароци и штедна книшка со влог од 10 илјади денари. Малата Антонија се роди на 1 јануари во десет часот.


Градоначалникот изрази надеж дека на локалната власт годинава ќе и бидат проширени ингеренциите, со што општината ќе може да им посвети повеќе внимание и да им даде поголема поддршка на сите деца во Охрид.

Од  2009-та, посетата на првородените деца и на нивните семејства ќе се реализира на 14 јануари, на православната Нова година, за да им се остави време на бебињата и мајките, но и на нивните семејства да се адаптираат на новиот живот, најави градоначалникот Петрески.

Ohridnews