– Математички, победник на овие избори е СДСМ. Сега во новиот состав на парламентот СДСМ ќе има 43 пратеници. ВМРО-ДПМНЕ имаше 63, сега ќе има 53. Не ги сметам за легитимни и изборите во дијаспората, изјави кандидатот за пратеник од СДСМ, Митре Велјаноски.
Шефот на Општинскиот изборен штаб на СДСМ, Александар Петрески рече дека го исполнил ветеното, неговата партија да победи во Охрид.
– ВМРО-ДПМНЕ со пари ја купи победата во Република Македонија, но останува да видиме за колку пари ќе ја продаде државата, кажа Петрески.
Граѓаните во одредени места, каде победи ВМРО-ДПМНЕ, рече Петрески, за своите проблеми кои се во надлежност на централната власт во иднина да бараат решение од таму, а не од локалната власт.
Шефот на општинскиот изборен штаб ги повика полицијата и сите останати надлежни органи да ги испитаат нерегуларностите за време на изборниот процес за кои, како што рече Петрески, следува казна затвор и до 5 години.










