Градоначалникот на Охрид, Александар Петрески испрати телеграма со сочуство до семејството на починатиот Киро Глигоров, првиот претседател на самостојна РМ.

– Во името на граѓаните на Охрид и во мое лично име , Ви изразувам длабоко сочуство по повод смртта на Киро Глигоров , првиот претседател на самостојна Република Македонија, човекот кој остави неизбришливи траги во современата македонска историја.

Ние  охриѓани, Киро Глигоров го почитувавме и ќе го паметиме како  наш сограѓанин, зошто голем дел од својот живот го помина во Охрид. Доаѓаше често  и велеше  дека  неговиот охридски дом  е местото каде се одмараше,   неуморно работеше , но наоѓаше време и за прошета по охридската чаршија и да поразговара со охриѓани. Првиот претседател на  самостојна Република Македонија Киро Глигоров  и Охрид беа нераскинливо поврзани. Токму во Охрид , во спокојот на езерската шир и древните остатоци на цивилизациите , Глигоров креираше дел од судбоносните одлуки за Македонија, а по завршувањето на двата претседателски мандати пишуваше за нив. Почивај во спокој Претседателе и нека ти е вечна слава– се вели во телеграмата со сочувство, која  до семејството на починатиот Киро Глигоров, првиот претседател на самостојна Република Македонија, ја испрати градоначалникот Александар Петрески.

OhridNews