Видео спотовите од најновата  владина кампања ,,Ти си лицето на твојата земја, од туризмот сите добиваме “ наиде на остри реакции кај охридската локална самоуправа. Градоначалникот на Општина Охрид, Александар Петрески, денес на прес конференција за медиумите рече дека протестира и енергично се спротиставува на најновата кампања поврзана со туризмот и побара  итно повлекување на видео спотовите во кои според него се исмејуваат  туристичките работници и македонските граѓани.

 -Владата  на  ВМРО- ДПМНЕ, со најновите  нарачани и дебело платени, телевизиски спотови, Македонија  и  Охрид, ги сместува во темната страна на светската цивилизација. Сметаме дека , овој владин проект кој е смислен и се реализира на прагот на годинашнава туристичка сезона ќе предизвика негативни ефеки врз туризмот. Значи  пред светската јавност  нашата земја ја  претставија  како војничка соба за обука, во која некој чуден тип во униформа , со свирче им влева страв на потчинетите, вели Петрески.


Тој нагласи дека со неколкуте спотови кои секојдневно кружат по интернет и се прикажуваат на телевизија се валка  честа и достоинството на македонските граѓани.

-Штетата од герилскиот  медиумски напад на  Владата  врз достоинството на  сопствената држава, особено врз Охрид како најразвиен туристички и културен  центар во Македонија е веќе направена. Охрид , деновиве , наместо епитетот дека е Ерусалим на Балканот, милиони луѓе го гледаат  како копија на некоја касарна , мало место на безредие и мрзеливи келнери или мало место  со ендемичен вид граѓани во изумирање, објасни Петрески, додавајќи дека со овие видео спотови освен граѓаните, се омаловажуваат  и навредуваат експертите од Факултетот за туризам и угостителство , се навредуваат учениците од средното угостителско – туристичко училиште како и вредните туристички работници.

-Одговорните за овој невиден скандал , за кој се правдаат дека бил модерен герилски маркетинг, мора да излезат пред судот на јавноста. Парите што ги потрошија за валканите  спотови можеа да ги искористат за презентација на нашите природни и културни реткости или да ги закрпат ударните дупки на патиштата кои водат до Охрид, вели Петрески.

Тој побара од Државното обвинителство , Антикорупциската комисија и сите надлежни институции под итно да го расчистат овој скандал и да ги казнат оние што немилосрдно трошеле пари да си ја омаловажат татковината.

Е.М.