Градоначалникот на Охрид преку соопштение се обрати до јавноста да ја дообјасни идејата за наплата на давачка за влез во градот на УНЕСКО, што пред неколку месеци ја изнесе во OhridNews (линк до сторијата) , а деновиве ја актуелизираа и други медиуми.
Петрески вели дека одговорноста за заштита на  Охрид како светско културно наследство, мора да ја споделат сите  и да не се дозволи  секој по свое наоѓање , наместо да ги валоризира вредностите да си поигрува и да го  оцрнува  сето она што е убаво во  древниот град.

„Природно е покрај Локалната самоуправа во решавањето на проблемите да се вклучи и Владата на Република Македонија , зошто таа стопанисува со Охридското Езеро и целото крајбрежје.  ЕЛЕМ водата  ја користи за производство на електрична енергија,  а денар не дава за негова заштита“, се вели во реакцијата на Петрески

Според него постои намера  од страна на државните институции и медиумите вината да ја фрлаат врз Градоначалникот и Локалната самоуправа од причина што локалната власт не е од партиите што ја сочинуваат централната власт на чело со ВМРО- ДПМНЕ. Тоа, како што се посочува во реакцијата, тие  го прават за да ја избегнат својата одговорност и да сокријат дека поради политички причини ги бојкотираат сите проекти за развој на Охрид.

„Зарем некој досега се побунил зошто на влезовите кон Скопје има рампи каде се наплатува патарина. Зошто би било чудно да се наплаќа патарина на влезовите во Охрид , а средствата би биле употребени за изградба на уште една коловоззна лента од Подмоље и Косел кон Охрид и би се изградил нов пат кон Свети Наум , проекти кои треба да ги гради државата , која барем засега упорно ги одлага“, стои во писмената реакција на градоначалникот.

Петрески објаснува дека во развиените туристички центри во светот е практика сопствениците на викенд станови, куќи и апартмани , кои не се со постојано место на живеење, да плаќаат дополнителен годишен данок. Кај нас, укажува тој, Владата нема обезбедено законски инструмент  тие да плаќаат туристичка такса бидејќи становите ги рентаат на туристите и  им се нелојална конкуренција на приватните станоиздавачи во Охрид.

„Законски основи за реализирање на даночните давачки не можеме да обезбедиме ние во Локалната самоуправа, туку тоа треба да го направи законодавниот дом- парламентот. Средствата ќе бидат употребени за унапредување на туризмот и инфраструктурата во најразвиениот туристички центар во Македонија“, објасниува во писмената реакција Петрески.

Тој вели дека не се срами јавно да ги изнесе своите ставови , зошто сите, без исклучок биле во интерес на иднината на Охрид.

„Ако некој поинаку мисли тоа аргументирано треба да и го соопшти  на јавноста , а јас како градоначалник секогаш сум бил подготвен да ги прифатам и заеднички да ги реализираме добрите идеи и проекти , со кои ќе придонесеме за поубава иднина на Охрид“, завршува Петрески.

Ставовите на Петрески, како многу пати до сега, предизвикаа реакции во јавноста. Граѓаните на Охрид ни малку не се воодушевени од идејата за поставување рампи на влезовите од градот, но сметаат дека е потребно да се изнајде решение за заштита на интересите на градот, но и на легалните станоиздавачи кои трпат огромни штети од нелојалната конкуренција. На тоа укажуваат и стручните лица и туристичките работници, кои со години алармираат на хаосот во приватното сместување и одливот на милионски суми од касите на оштината и државата во приватни џебови.

OhridNews