Најновата владина кампања за подигање на свеста кај туристичките чинители, која деновиве од интернет се пресели на телевизиите, според градоначалникот на Охрид Александар Петрески, претставува невкусна шега.

-Лошо е доколку за промоција преку Агенцијата за поддршка на туризмот се издвојуваат едвај 100.000 евра годишно, а за антикапмања се даваат пет до десет пати повеќе средства. Тоа не е вкусно, а нарачателот, во случајот владата, не го постигнува саканиот ефект, вели Петрески.


Според него  најновата кампања е контрапродуктивна и не соодветствува со реалната состојба во туризмот.

-Не може гостите и дипломатските престставници кои доаѓаат во Охрид да искажуваат пофални зборови за градот и услугите кои ги добивааат тука, а ние самите да си правиме невкусни шеги, додава Петрески.

Градоначалникот на Охрид смета дека секогаш има простор за подобрување на состојбите на што се работи со угостителите, таксистите, за кои, како што вели, има најмногу забелешки, како и со другите туристички чинители.

-Има простор за подобрување, но напредок не се постигнува на овој начин, рече Петрески.

О

Во медиумите и на интернет деновиве осамнаа нови владини
реклами преку кои се критикуваат лоши навики  и услуги кои негативно
влијаат на туризмот. Добар дел од нив отсликуваат состојби во
најголемиот туристички центар Охрид, каде и се снимени. На удар се
келнерите, пазарџиите и таксистите, кои се нарекуваат ендемски видови.
Во дел од спотовите се критикува бучавоста предизвикана од гласна
музика, како и насилниците во дискотеките и ноќните клубови.

Министерот за економија Ваљон Сарачини истакна дека се работи за таканаречен герила маркетинг, кој е модерен маркетинг, и дека  рекламите имаат ефект на привлекување внимание, како и дека ќе влијаат позитивно на граѓаните кон кои се упатени пораките во видео спотовите.

OhridNews