„Отварањето универзитет во Охрид  е голема лага. Кога ВМРО-ДПМНЕ можеше да отвара факултети во секое село и гратче во последниве години, зошто чекаше во Охрид да отвори универзитет пред изборите, рече денеска на прес-конференција“, градоначалникот Александар Петрески.

Тој запраша во кое својство, Никола Груевски ја најави новата високообразовна установа, како премиер или во својство на претседател на ВМРО-ДПМНЕ.„ Ако ова го најави во својство на премиер на Владата, зошто покрај него беше кандидатот за градоначалник од оваа партија, а не градоначалникот на Охрид и министерот за образование и наука. Ако новиот универзитет Груевски го најави во улога на претседател на партијата, тогаш треба да е јасно дека партиите не градат факултети“, подвлече Петрески.

Петрески кажа дека предложил до владата, во Охрид да се отвори универзитет уште пред повеќе од една година, а за привремениот простор кој што го најавија владините преставници, Домот на АРМ,  доставил 20-тина писма  со кои побарал од владата да и го отстапи на општината, каде што , како што рече, планирал да го смести охридскиот театар и невладините организации.

На обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека е лош менаџер, градоначалникот Петрески рече дека не бара политичките противници да го фалат, туку да имаат разбирање и доблест да замолчат. „Со години во Охрид не се правеше ништо, а долговите растеа“ образложи тој.


За обвинувањата поврзани со недонесените урбанистички планови, актуелниот градоначалник изјави дека владата односно соодветните министерства  во чии раце било креирањето и потписот на плановите, не го направила тоа, и сега, како што рече, вината му ја префрла нему.

„Советот на општината секогаш  ги препознавал потребите на граѓаните а приоритет им се даваше на владините барања. Доказ за тоа се и локациите за најавуваниот хотел „Хилтон“ и специјалната детска болница, но очигледно дека владата не најде инвеститор за нив кои и одговара нејзе“, рече Петрески.

А.Р.