Минчо Јорданов, Андреја Јосифовски, Штерјо Наков, Живко Мукаетов и Доне Таневски се петте најбогати Македонци, според најновото регионално издание на „Форбс“, пишува „Утрински весник“.

При тоа, на прво место е Јорданов со акции што ги поседува во вредност од 24,7 милиони евра. По него е Андреја Јосифовски со 23,9 милиони евра, Штерјо Наков со 19,7, Живко Мукаетов со 7,3 и Доне Таневски со акции вредни 4,7 милиони евра. Тројца од овие петтмина, минатата година го зголемиле своето богатство, анализира „Форбс“.

Инаку, уште пред една недела „Форбс“ ги објави имињата на првите двајца најбогати Македонци, Јорданов и Јосифовски. Јорданов, кој уште го нарекуваат „кралот на челикот“, како сопственик на „Макстил“ во земјава, е прв на листата врз основа на пазарната капитализација на акциите што ги поседува во неколку компании. Јорданов покрај „Макстил“ ги поседува и „Бетон“, „Факом“, винарницата „Стоби“, „Нова Македонија“, „Ремедика“ и повеќе други фирми, но и македонскиот шампион во ракомет, клубот „Металург“. Според ланските процени на магазинот, тој „тежел“ 27 милиони евра.

Андреја Јосифовски, претседател на Управниот одбор на „Макпетрол“, според богатството се доближува до Јорданов. Јосифовски преку фирмата-ќерка на „Макпетрол“, „Оилко“, според „Форбс“ ги контролирал најголемиот дел од акциите во компанијата кои лани на Берза вределе 5,4 милиони евра.

На списокот на најбогатите на „Форбс“ се наоѓаат и Штерјо Наков, Живко Мукаетов и Доне Таневски, на кои им припаѓа 3., 4. и 5. позиција. За Наков се вели дека е еден од најконтроверзните бизнисмени кој одлучил да биде лидер во сенка и се повлекол од водечката позиција на шпедитерското претпријатие „Фершпед“. Но, како претседател на Надзорен одбор, и сега ги влече главните конци за синовите кои се наследници на акциите во вредност од 11,8 милиони евра. Наков е еден од најголемите добитници на годинешната листа на „Форбс“ бидејќи цената на акциите лани порасна за 320 отсто во однос на 2012 кога добивката изнесуваше околу 1,6 милиони евра. „Фершпед“ има акции во „Европа“ вредни 2,8 милиони евра, ја поседува винарницата „Сковин“ со акции во вредност од 3,7 милиони евра, има неколку хотели во Македонија, меѓу кои „Александар палас“ во Скопје. Во „Лотарија на Македонија“ фирмата поседува 57 отсто од акциите.

Директорот на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, како 4. на листата на „Форбс“, е деловен човек кој внимава на својот имиџ и често организира хуманитарни акции. Тој е најголем акционер во „Алкалоид“ со над 51 отсто од акциите на компанијата која се проценува на 105 милиони евра и е една од ретките фирми кои секоја година го зголемуваат профитот и добивката и го зголемува извозот во странство.

За Доне Таневски „Форбс“ пишува дека неговата приказна е како некоја од Холивуд затоа што од обичен рецепционер денеска е сопственик и директор на синџир од 7 хотели во рамки на компанијата „Македонија турист“: „Холидеј ин“, „Турист“, „Карпош“, „Јадран“, „Бристол“, „Белви“, „Водно“ и два ресторана. Вредноста на неговите акции изнесува 4,7 милиони евра, а минатата година Таневски доби дивиденда од околу 270 илјади евра. Во сопственост на „Македонија турист“ се наоѓа и „Њујорк колеџот“ во Скопје.

OhridNews

Извор:„Утрински весник“