Quis hic locus, quae
regio, quae mundi plaga*

Навистина, во мрачни времиња живеам!
Бертолт  Брехт

И јас како Емил Зола “J’accuse”  (Обвинувам): ја обвинувам Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и членовите кои гласаа за повлекување на првата Македонска енциклопедија и за смена на нејзиниот главен  уредник господинот  академик Блаже Ристовски!

Во Светото Писмо во Евангелието според Матеј во главата 27 читаме:

1. “А кога се раздени  сите првосвештеници и старешини  (…) направија совет против Исуса за да го убијат.”

22. Пилат им рече: ”А што да направам со Исуса, наречен Христос?” Му одговорија сите: ”Да биде распнат!”

23. Управникот (Понтиј Пилат) рече: ”Па какво зло направил?” Но тие уште посилно извикаа и рекоа : ”Да биде распнат!”

Како и овие првосвештеници и старешини и нивниот управител ( во случајов Георги Старделов), така постапија и членовите на Македонската академија на науките и уметностите. Навистина, какво зло направил академикот Блаже Ристовски? Досега не сме сретнале сеопфатна анализа на таканаречените пропусти во Македонската енциклопедија. Јавноста не знае точно што толку страшно пишува во Македонската енциклопедија?!!! Што и да пишува, веројатно не е страшно. За се може академски да се дискутирá.

Треба да се има во предвид дека е тоа прва Македонска енциклопедија и, како и кај секоја друга енциклопедија во светот, веројатно дел од избраните и застапените одредници и нивната содржина зависела делум и од субјективната проценка и мислење на авторите и составувачите. Но, тоа не е страшно и е сосема нормално при изготвување на енциклопедиите.

Зошто толкава хајка против главниот уредник Блаже Ристовски? Зошто Македонската енциклопедија не излезе од печат и зошто не можеме да ја купиме? Господинот Георги Старделов толку заплеткано на една телевизија пред некој ден изјавува дека нема да се запали Македонската енциклопедија. Но, зарем со забраната за нејзино излегување не се прави исто? Целта е иста: да не дојде до читателската јавност! Тоа ме потсеќа на времето на нацистичка Германија како и на времето на Стаљин во поранешниот Советски Сојуз и другите земји од тој лагер кога ги палеа забранетите книги и кога постоеше список на забранети книги. Македонската енциклопедија е забранета книга! Читателите не смеат да ја читаат, одлучиле “мудрите” глави во МАНУ!

Но, тоа не е доволно. Треба да се смени главниот уредник! Тој не знае, ќе избереме друга редакција која “подобро” ќе изготви Македонска енциклопедија, ако и биде таков наслов!

Македонско проклетство, секогаш: Не вие, туку ние ќе правиме! И наместо на постоечката редакција на енциклопедијата да и се укаже на пропустите, ако  се тоа, и да се поведе стручна и научна дискусија за тоа, се побара нејзината смена! Но, и уште повеќе: дајте ни ги материјалите во кои вие вложивте труд за да НИЕ со вашите материјали направиме енциклопедија! Па, тоа е неразумно, скоро налудничаво! Македонија – и се е можно! Тоа не го прават ниту децата во прво одделение! Со вакви постапки и со сите оние изјави од претседателот на МАНУ Георги Старделов и другите нејзини членови, МАНУ го изгуби угледот, сега дефинитивно.

Не може да се менуваат одредниците во Енциклопедијата затоа што на некого тие не му се допаѓаат или не му одговараат. Одредниците се менуваат САМО и САМО ако постојат нови научни факти и сознанија кои ги негираат претходните. Како и Исус што му одговорил на слугата: “Ако реков лошо, докажи го лошото; ако ли, пак, добро – зошто ме биеш?” Јован 18, 23.
    
    Со вакво однесување од страна на познатите членови на МАНУ и нејзиниот претседател во Македонија (но не само од нив) се задушува демократијата, нормалноста во однесувањето, се придушува креативниот елан и волјата на поединецот, патриотизмот и слободата.

Но, каде е другата  македонска интелектуална јавност да викне: NO PASSARAN! Зошто интелектуалците молчат, зошто не се општествено ангажирани, како што барал и Жан Пол Сартр, која е нивната улога денес?

Се плашам дека поради сето тоа многу луѓе, особено млади, ќе ја пеат познатата песна од уште попознатиот македонски поет Никола Ј. Вапцаров:

“Оваа земја
 по којашто газам јас сега,
 оваа земја
 што пролетен ветер ја буди,
 оваа земја – не е моја земја,
 оваа земја,
 простете, е туѓа.”

Трагично е што многу Македонци денес мислат дека во Македонија е најтешко да си Македонец. Во Македонија најчесто успеваат подлизурковците, оние кои стануваат и бедни само за да дојдат до некоја врска, успеваат со лукавство и со подлости. Во Македонија не може да успеат способните, стручњаците, скромните и чесните, дури ни оние кои ја сакаат Македонија!  Одамна е време во Република Македонија да настане едно превреднување на нештата, во смислата за која пишуваше Фридрих Ниче.

 Ова е типично македонска работа: Македонец да му прави зло на Македонец. Со време на овој начин ќе се  уништиме како нација бидејќи Македонија е мала и малку не има во неа. Не може да се сака Македонија и не може да се биде добар Македонец ако Македонец му нанесува зло на Македонецот!
 
Господине Блаже Ристовски, Вие сте умен и добар човек. Но, Ве молам не грижете се, тие се соблазнија поради Вас: И против Исуса викаа, хулеа и го распнаа, но еве повеќе од 2000 години веруваат во него и го бараат. Знаете сигурно:  “Нема пророк без чест, освен во земјата негова”.  Мат. 13, 57.

_____________________

*) “Какво место е ова, каква земја, каков дел од светот?” –  стих 1138 од делото на Сенека Херцулес Фуренс – Херкулес ги изговара овие зборови пробудувајќи се од лудилото (…) по исполнувањето на својот  дванаесетти и последен подвиг, пред да стане свесен дека во бунило ги застрелал своите синови.

Милован Србиноски, психолог, Охрид