Дебатата што ја отвори Ohridnews за актуелниот момент во охридскиот туризам, деновиве предизвика бројни реакции на туристичките работници, институции, граѓани. Во денешното издание изворно го пренесуваме ставот на Никола Танасоски:

Доколку би ми дозволиле на “кратко” само би се произносол на некои прашања/ состојби кои се од стратешка важност за понатамошен развој на туризмот не само во нашиот регион тука на национално ниво. Секако добар дел од моите коментари се усмерени кон Охридскот регион како регион кој во овој момент има доста неискористен потенцијал.

Веќе со години наназад, жртви сме на неефикасност како и непостоење на доволно способни и доволно организаирани владини како и невладини тела кои во нивната агенда спомнуваат подобрување и реорганизирање или систематизирање на туристичката понуда во Македонија во целост. Секако некои од нив, навистина се заложија и направија мала разлика кон подобрување на состојбата во оваа индустрија. Сепак на крај сите тие заборавија едно- промовирање на Македонија како туристичка дестинација, а потоа сегментирање на региони. Секако не само промовирање, туку целосно реорганизирање на ресурси во оваа индустрија што на крај би придонело за нејзин развиток е ставено на втор план.

Како прво, во последните години иако секоја влада и локална заедница вложуваше напор кон промовирање на градот/државата ефектот беше минимален. Во никој момент, не беше направена детална стратегија како и идржана сегментација на клиенти/туристи за претставување на нашиот град/држава на туристички саем или иако беше барем малку сработано на поле на маркетинг, секогаш недостигаше визија и мерливост на достигнувањата како идни чекори кои би произлегле директно од самите настани. Или едноставно, идејата беше оценета како лоша бидејќи не беше целот процес осмислен до крај.

Да разгледаме еден пример, кога Охрид се претставуваше како дестинација на еден саем, најпрвин она прво што паѓаше во очи беше непостоење на добро изработан промотивен материјал како и оскудноста од понудата за ралични туристички сегменти. Секако не би можеле ние да се споредиме со дестинација како Турција, но секогаш добивам ист одговор- немаме финансиски средства. Вистина е дека тие се ограничени, и така е и секаде по светот а не само кај нас, само што кај нас не постои изработен финански план кој би ги следел аспирациите на една дестинација и кој не би трпел драстични промени секоја година или секоја нова владеачка структура. Секако собирањето туристичка такса во Охрид со претпоставка за 2 милиони ноќевања, па користење на средствата за промовирање на туризмот е само 1/10 од потребни средства. (И обично тие се нереални предвидувања за 2 милиони ноќевања)
Помовирање на една дестинација не е нешто што се прави во една или две години, туку е синергија која произлегува од непрекинато планирање и релокација на ресурси. Морам да напоменам дека туристички дестинации како што се Австрија, Флорида, Малезија не се пробија на пазарот во една година туку во 10 години каде што целиот туристички сектор работеше заедно.

Понатаму, она што секогаш го забораваат нашите “туристички организации” е што кога туристите ќе пристигнат овде. Што им нудиме? Дали навистина ги знаеме нивните потреби? Дали можеме да ги задоволиме?

Да бидам искрен досега не е никаква студија изработена која би ги разгледала потребите на туристите и кои сегменти од нив најдобро би се вклопиле. На секој саем се промовира Македонија како земја на убавини и тоа е вистина…имаме единствена предност пред други дестинации само проблемот е тоа што не се знае како тоа да се организира и промовира на начин кој би резултирал со зголемена посетеност. Она што треба да се воспостави е ДМС (дестинцатионен менаџмент систем). На пример во моментов, Словенија се промовира како бисер на Европа и можам да речам дека прилично успшно. Секако нивната промоција беше само дел од стратегијата. Од нула се успеа да се воспостави со помош на Словеничката Туристичка Организација систем кој овозможува поддршка за сите учесници во оваа индустрија. И тоа не само на хотели, ресторани тука до степен на оној индивидуалец кој учествува во таа индустрија заедно со туристите бидејќи тие не се надвор од овој круг (како што обично туристичките работници мислат) туку се движечка сила.

Секако постои и друга варијанта, каде што основа би била организација одговорна за водење на овој систем а не мора да биде основана од страна на владата. Зборувам за варијанта од типот на „Визит Флорида“, каде што ситемот е воден и организиран со половина учество од страна на приватниот сектор и државата. Секако овој таканаречен “мешан” брак, функиоцнира само ако двете страни ги осознаат предностите и се спремни на компромиси во интерес на самото работење на организицијата. На крај, сепак сум скептичен за оваа варијанта бидејќи партизацијата и непотизмот во голема мера ќе бидат тешки да се контролираат.

Што се однесува до Охрид, морам да бидам искрен дека и онака тешка финансиска состојба и понатаму отежната од непланско инвестирње во 10 проекти истовремено кои се од мала стратешка важност на градот и локалната економија. Секако такво да го наречам растурање на ресурси е неефективно и на крај дури и контрапродуктивно. Сепак, за остварување на политичките цели секоја власт дествува на свој начин. Половина од тие таканаречени, мандатни проекти му прават штета на градот и понекогаш дури се насочени кон уништување на кутлурното наследство (свесно или несвесно). Време е да се престане со краткорочен поглед на работите, како на пример што можеме да направиме ова сезона или ова година, и да се почне планирање на долгорочно ниво. Не е во ред да се мисли дека Охрид е најразвиено туристичко место, бидејќи тие што прават така за споредба можеби земаат некој делови од Македонија или Хрватка кои не приоритизираат да се развијат како дестинации или пак се на завидно ниво. Такво мислње само ја спречува интерналиозацијата на Охрид, секако треба ова дестинција да оди на светскиот пазар или барем на европскиот. Откако неколку туристички работници се запознаа со случајот на Опатија во Хрватска, Охрид стана предмет на директна споредба….Погрешно. Добро е да се видат искуства, но треба да се адаптираат и имплементираат само за нашето поднебје и случај. На крај и Опатија и не е некоја туристичка дестинација, туку е Хрватска.

Морам да признам дека неорганизираноста на туристичките пакети се причина што Охрид губи доста од пазарот. Да напоменеме на немањето инфраструктура за акумулација на бројот на посетители и дисперзираност на капацитети. емојте да ги сметате панаѓурите со скара и музика како некој репер за културен настан како што беа некои на плоштадот или Билјанини извори. Знаете и самите како изгледаа тие за постителите од страна.

Колку има големи хотели во Охрид? Кои од нив навистина заслужуваат да бидат рангирани како луксузни? (Секако многу луѓе ќе се најдат навредени после одговорот на овие прашања, бидејќи како што самите велат: Нема како Охрид. Барем за тоа се сложувам)

Немањето доволно паркинг места, прилично изолиран аеродром, лоша ифраструктура доколку се доаѓа од друг дел на земјата…мислам дека цел ден може да се помине во набројување на што е тоа што Охрид треба да го има за да задоволи барем ОСНОВНИ потреби на еден турист.

За крај само би напомнал дека со децентрализацијата општините имаат доволно слобода да носат одлуки. Мој предлог е колку и на некои контоверзно да звучи, промовирање на регионот, тоа би зачело барем Струга, Охрид и Ресен да изготват план кој би ги сегментирал туристите и така би промовирал регионот за различни видови туризам. Свесен сум дека отсекогаш комуникацијата и соработката меѓу градовите како и меѓу владата и локалната самоуправа била сведена на минимално ниво, сепак од некаде треба да се почне.  Се надевам дека од ова што го кажав досега ќе произлезат нови гледишта и конструктивни критики ако не како што веќе ми е смачено да слушам: Здравје догодина.

Никола Танасоски