Над 1,6 милиони лица умираат годишно поради тоа што немаат питка вода или вода за одржување на личната хигиена.Околу една милијарда луѓе воопшто немаат пристап до здрава вода за пиење, 2,5 милијарди немаат соодветен водовод и канализација, а секоја година поради недостиг од вода умираат 10 пати повеќе луѓе отколку во војните ширум светот.

Кога на овие податоци ќе се  надоврзат и црните прогнози  на ОН дека кон средината на овој век дури седум милијарди луѓе ќе бидат соочени со недостиг на вода, повеќе од јасно е дека човештвото е исправено пред сериозен предизвик.Басените со питка вода во иднина ќе бидат подрагоцени од нафтените полиња, а војните во 21 век ќе се водат за вода предвидуваат експертите.

Водата за пиење во Македонија во најголем дел е здравствено исправна, но дури со 30% од басените не’ стопанисуваат јавните претпријатија , се наведува во извештајот на  Републичкиот завод за здравствена заштита, објавен по повод Светскиот ден на водите – 22 март.

Состојбата со Охридското Езеро, кое се смета за најголем басен со питка вода во овој дел на Европа, генерално е добра. Во најголем дел водата е од висока прва и втора категорија. И натаму најголеми загадувачи се реките  Черава, Сатеска, Коселска и Велгошка, кои во Охридското Езеро носат вода од 4 или 5 класа. Згора на тоа сите населени места во сливот на Охридското Езеро не се опфатени со колекторот, па оттаму решавањето на овој проблем треба да биде врвен приоритет на Македонија и Албанија, смета стручната јавност.

Македонија неодамна беше прогласена за една од петте држави во светот кои најмалку се грижат за разумно трошење на водата. Експертите проценуваат дека при транспорт на водата низ цевководите се губат околу 50% од питката вода. Тие предупредуваат дека доколку продолжи со таквиот, расипнички однос , земјата наскоро може да се соочи со недостаток на вода за пиење.

OHRIDNEWS