Во рамки на одбележувањето на милениумскиот јубилеј „1000 години од формирањето на Охридската архиепископија“ директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, потпиша меморандуми за соработка со претставниците на планинарските клубови „Закамен“ од Струга, „Калин Камен“ од Крива Паланка и „Јелак“ од Тетово, кои во текот на месец јуни ќе маркираат планинарски патеки во чест на јубилејот во три различни реони во државата.
Во текот на месец септември ќе се одржат три големи планинарски походи, на кои ќе се приклучат и другите планинарски клубови од државата. Планинарските патеки се планирани по целата своја должина да вклучат посета на поголем број на цркви, манастири, историски места, спомен куќи, археолошки локалитети и сл.
„Поради големата важност на јубилејот, обврзани сме да го приближиме до различни интересовни и возрасни групи“, истакна директорот Сотировски по потпишувањето на меморандумот.
Планинарските клубови истакнаа дека ги радува што за прв пат се вклучени во државни чествувања од највисок ранг.
Ohridnews













