Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион 2019-2028 се работи од 2010 година кога е донесен и законот за управување со природното и културното наследство во охридскиот регион. Постапивме по препораките на УНЕСКО и планот носи едно ново зонирање во рамки на доброто со кое што ќе се овозможи примена на соодветни мерки за заштита, истакна на денес одржаната јавна расправа за Нацрт-планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион државниот секретар во министерството за животна средина и просторно планирање, Ана Петровска.

  • Пред се значајно е воспоставување на заштитен појас од 50 метри сметано од границата катастарска парцела Охридско езеро каде преку урбанистички план ќе се утврдуваат заштитните мерки согласно првата А и првата Б заштитна зона каде што во првата А зона не се дозволува да се гради за да се задржи крајбрежната функционалност и квалитетот на водата во езерото , а во првата Б зона се задржуваат објектите кои се изградени, но со тенденција да се зголеми површината на зоната А согласно рамковната директива за води, вели Петровска.

Од граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ со забелешки дека планот за управување со Охридскиот регион се носи, а сеуште не се донесени студии и планови кои се опфаќаат со планот.

  • Факт е дека Законот за Охрид не е донесен, факт е дека ЛЕАП-от сеуште не е донесен. Студијата за влијание врз животната средина мислам дека не може да оди паралелно со нацрт–план за управување со Охридското Езеро. Има и други недостатоци како Студијата за Студенчишко блато што сеуште не е донесена, а се спомнува во Планот за управување со Охридскиот регион, не е донесена и Студијата за управување со сливното подрачје на Охридското Езеро. Се носи еден план за управување со охридскиот регион кој всушност би требало да биде носител на сите активности кои се случуваат, смета Трајче Талевски од Охрид ЅОЅ.

На ваквите критики од министерството за животна средина со одговор дека ако се чека завршувањето и носењето на сите тие документи, Охридско Езеро никогаш нема да се заштити.

  • Ако ние чекаме додека се донесе законот за Охридско езеро, за блатото, а се прави нов план и за Галичица, ние никогаш нема да го заштитиме Охридското езеро. Ние треба да го усогласиме планот со сите чинители, тоа е и целта на јавната расправа и веднаш штом го усвоиме планот да продолжиме со зонирањето внатре во заштитените подрачја.  Доколку се направат промени во зонирањето, Планот ќе биде ревидиран и усогласуван преку соодветни предвидени преодни одредби, потенцира Петровска.

Петровска вели дека планот е само една рамка за управување, но се зависи од  институциите кои го вршат управувањето, како и од граѓаните кои имаат свое земјиште и објекти во рамки на планот. Петровска додава: „Ако планот се почитува, тогаш тој е добра основа бидејќи е многу експлицитен“.

Конструктивните предлози од граѓаните на јавната расправа кои може да се искористат ќе се интегрираат во нацрт планот, по што се очекува таквиот усогласен план да се достави до владата и до УНЕСКО.

OhridNews