Охридската плашица може да  биде главниот фактор во враќањето на  ендемичниот вид пастрмка во водите на езерото сметаат екологистите.

„Помасовното присуство на плашицата може да испровоцира односно да предизвика пастрмката да се повлече од длабините на езерото и повторно да се приближи кон брегот“, вели Лазар Наумоски од еколошкото друштвото „Грашница“ и објаснува дека на тој начин ќе се воспостави изгубената симбиоза помеѓу овие два видови риба и охридската пастрмка во борбата за опстанок нема да си го јаде сопствениот пород.

Во истребувањето на пастрмката, пресудна улога одиграа и висоечките мрежи, сметаат екологистите од „Грашница“. „Овие мрежи беа доста високи од 10 до 15 метри а со надоврзување достигнуваа должина и по неколку километри. Тие се користеа во текот на целата година и со нив се ловеа квалитетни матици  со созреана икра“, потсетува Наумоски. „ Примената на овие мрежи во периодот од 1985 до 2004 година беше рамна на фрлање атомска бомба во Охридското Езеро“, додава тој.

Неодамнешната изјава на компетентните од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за издавање концесија за излов на дивите риби во Охридското Езеро, како што се плашицата, кленот, мрената, скорбусот и моранецот предизвика уште едно негодување кај екологистите од „Грашница“. Тие и натаму инсистираат да не се дава концесија за излов за ниту еден вид риба во период од 8 до 10 години, а по завршувањето на тоталната забрана да се направи анализа на состојбата со рибниот фонд.

А.Р.