Охридските советници и летово ќе го поминат работно. Како што велат најголемиот број од нив- слободното време ќе го поминат на некоја од бројните плажи на Охридското езеро. Ако некако успеат да најдат време, можеби и ќе „скокнат“ до Валона или пак во Маврово.

Немам испланирано да отпатувам некаде летово, пред се поради работните обврски во советот, но и поради економската систуација која се одразува кај секого, вели претседателот на советот на општина Охрид, Душко Јаковчески.

И советничката Верица Хајба од НСДП, најголемиот дел од летото ќе го помине работно.

Неколку викенди ќе ги искористам за прошетка до Маврово и Берово,каде природата во овој период овозможува навистина убава релаксација од гужвите и горештинитите во Охрид, вели Хајба.

Релаксација на охридските плажи ќе побара и советникот од ВМРО- Народна партија, Јоне Станкоски.

Овој период ќе го искористам да го поминам со своето семејството на плажа, но и работно на седниците на советот кои редовно се оддржуваат и во јули и август, вели Станкоски.

За координаторот на советничката група на ВМРО- ДПМНЕ, Дејан Паноски, летото 2012-та ќе биде работно ( стручно и политички) и секако Олимписко.


Се надевам дека ќе има доволно време за следење на Олимпијадата. Оној дел пак што е класичен годишен одмор ќе го поминам во Охрид, иако Охрид го замислувам сосема поинаку организиран за разлика од овој хаос во сезоната. Ако воопшто успеам да скокнам еден викенд до Валона на малку морска вода, ќе биде „премија“, изјави Паноски.

Координаторот на советничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, годинава се одлучил за поразличен и според него, поинтересен начин за годишниот одмор- крстарење по западниот Медитеран. 


Го искористив одморот кога денот е најдолг, а цените поприфатливи. Со моето семејство бевме на прекрасно патување во странство, на крстарење на кое посетивме неколку градови. Одлучивме оваа година тоа да биде малку поразлично, да го споиме корисното и забавното. Беше едукативно, но и прекрасно и заклучив дека кај нас малку е позната можноста за крстарење, која и не се нуди често како опција, а истиот износ пари се троши за одмор во Грција или Турција, додава Тунтев.

И додека повеќето советници одлучиле годишниот одмор да го поминат на охридските плажи, за голем број охриѓани како најпривлечни дестинации остануваат плажите во соседна Грција  и Албанија.Во туристичките агенции понудите се различни, зависно од домашниот буџет на граѓаните.

Т. Кувенџиска