По вчерашниот бојкот на наставата на техничките факултети, членовите од Студентскиот пленум денес продолжија со „ окупирање“ на Филолошкиот и филозофскиот факултет каде прогласија „автономна зона“ и продолжија со заземање на економскиот и правниот факултет, повикувајќи ги колегите да им се придружат. Во говорите кои ги држеа пред присутните, прашаа „како е можно да му веруваат на премиерот“ и зошто додека се случува нивниот собир, на јавниот сервис (МТВ) сé уште се врти спотот за тоа колку е добар државниот испит.

„Ветувања чувме, но немаме намера да седиме дома и да се надеваме дека кармата ќе го стори останатото. До овде стигнавме, затоа што сложни, гласно на сите начини се спротивставуваме на наметнатите реформи во високото образование. Ајде да го освоиме назад универзитетот, време е да креираме автономна зона!“, порачуваат од Пленумот.

И покрај средбата со премиерот Никола Груевски, на којашто договорија одложување на примената на Законот за високо образование за една година, тие најавија дека нема да ги напуштат факултетите се додека не се исполнат целосно нивните барање, односно се додека целосно не се укине донесениот Закон за  високото образование. Бараат нов закон во чие изготвување ќе бидат вклучени сите страни.

На граѓаните им порачаа дека ако сакаат да ја искажат нивната солидарност може да достават храна, ќебиња и санитарни материјали.

OhridNews

извор Макфакс