ФЗОМ денеска ги промовираше трите нови услуги: електронско барање за рефундација за болничко лекување, за рефундација на лекови на рецепт и за рефундација на вграден и потрошен материјал.

Првата електронска услуга се однесува на рефундација на средства за извршено болничко лекување кога осигуреникот немал здравствено осигурување од различни причини. Во овие случаи кога на осигуреникот од различни причини не му е е платен здравствениот придонес повеќе од 60 дена, здравствената услуга треба да ја плаќа во целост, а потоа откога ќе се подмири здравствениот придонес осигуреникот поднесува барање за рефундација. Правото на рефундација не застарува 5 години. Ова право е гарантирано согласно законот за здравствено осигурување. Од сега, на многу поедноставен начин ќе може да се оствари ова право преку новата електронска услуга, а дополнителната документација која што осигуреникот досега требаше да ја носи лично и да ја приложува во хартија во подрачните служби, сега ќе може со едноставно скенирање и прикачување во електронскиот систем да ја прикачи на места каде што има интернет и читач.

Втората нова електронска услуга всушност претставуваат две услуги кои ги нуди фондот споени во една, т.е право на надоместок на средства за набавени лекови на рецепт, независно дали лекот е на болничка или примарна позитивна листа. Ова право е законски гарантирано за осигуреникот и исто така произлегува од законот за здравствено осигурување. Доколку на осигуреникот за време болничкото лекување му е побарано да купи лек кој се наоѓа на позитивната листа, по завршување на лекувањето има право да поднесе барање за рефундација на средства од страна на ФЗОМ. Воедно во овој сегмент се вклучени и лекови од болничка листа кои се примаат по препорака на специјалист (некогаш и во домашни услови), а здравствената установа нема обврска да ги набавува (како на пример клексан). Осигуреникот барањето за рефундација ќе може да го поднесува електронски и на тој начин, а дополнителната документација која што осигуреникот досега требаше да ја носи лично и да ја приложува во хартија во подрачните служби, сега ќе може со едноставно скенирање и прикачување во електронскиот систем да ја прикачи на места каде што има интернет и читач. Рефундација се остварува само доколку лековите се купени од аптека со која фондот има склучено договор – соопштуваат од ФЗОМ.

Третата електронска услуга е право на надоместок на средства за набавен стандарден медицински потрошен материјал и вградени материјали во болничка здравствена заштита. Доколку осигуреникот за време на болничкото лекување му е кажано да набави медицински потрошен материјал или пак вградил медицински материјал, истиот има право да го рефундира од страна на ФЗО. Отсега барањата за рефундација за медицинските материјали осигурениците ќе можат да ги поднесуваат електронски без притоа да доаѓаат во подрачните служби. Покрај барањето и трансакциската сметка, осигуреникот ќе може да ги прикачи и отпусното писмо/ специјалистичкиот извештај и доказот за плаќање на вградениот стандарден материјал.

За сите електронски услуги, осигуреникот преку порталот може да поднесе барање за надоместок на средства за себе или за член на семејство осигурен преку него.

OhridNews