Поранешниот претседател на Антикорупциската комисија, Горан Миленков, поднесе оставка од Државната комисија за спречување корупција. Ова е прва оставка на член од Комисијата за спречување корупција од актуелниот состав, по обелоденувањето на скандалот со  ненаменско трошење буџетски средства, што го откри внатрешната ревизија на Управата за јавни приходи.

Основното јавно обвинителство Скопје на 1 март оформи предмет по допрен глас ​за трошењето буџетски средства од страна на членовите на Државната комисија за спречување корупција.  Ревизорскиот извештај на УЈП за работата на Комисијата покажа дека некои од членовите користеле неверодостојни патни налози за кои им биле исплаќани патни трошоци. Дополнително, како ненаменско трошење буџетски пари се посочуваат и трошоците за ручеци и вечери во ресторани, што членови на Комисијата ги правеле при патување во странство, како и трошоци за изнајмување стан.

Ревизијата се однесува на составот на Комисијата на чело со претседателот Игор Тантуровски и членовите Фарие Алиу, Горан Миленков, Жаклина Дамческа, Најдо Спасевски, Сузана Таскова-Аџикотарева и Сејди Халили, кои на оваа функција во ДКСК се од април 2015. Претседателот Игор Тантуровски рече дека нема намера да поднесе оставка и дека објавените податоци од ревизорскиот извештај биле извадени од контекст.

OhridNews

Макфакс