Селекцијата на Холандија со триумф ги заокружи мечевите по групи на Европското првенство, совладувајќи ја Македонија со 3-0 (1-0), на „Јохан Кројф“ арената во Амстердам.

„Лалињата“ со победата над Македонија го задржаа перфектниот ефект, додека „црвено жолтите“ со три порази во исто толку одиграни натпревари ги завршија возбудувањата на ЕП.

Натпреварот во Амстердам во македонската историја ќе остане запеметен по збогувањето на Горан Пандев со националниот дрес. Затоа пред почетокот на натпреварот, холанѓаните предводени од капитенот Жоржи Вајналдум му подарија дрес на македонскиот капитен, приредувајќи му незаборавно збогум.

Што се однесува до мечот, првите возбудувања ги донесе Македонија. „Црвено жолтите“ погодија, но голот на Тричковски беше поништен поради офсајд. Александар Трајковски десеттина минути подоцна ја погоди стативата.

Во 24-та минута Холандија го отвори резултат. „Лалињата“ поведоа преку Мемфис Депај, кој со погодок ја круниса маестралната акција. Сепак, погодокот имаше „темна страна“ бидејќи претходно главниот судија не досуди очигледен фаул над Пандев.  Холандија имаше супер прилика за втор погодок, но Димитриевски добро го скроти ударот на Дамфрис.

Во воведните 15-тина минути од вториот дел Холандија ги реши сите дилеми, постигнувајќи два погодоци. Стрелец беше Вајналдум. Новата аквизиција на ПСЖ прецизен беше два пати после асистенции на Депај.

Двајцата стратези менуваа во составите, но возбудувања имаше се уште. Македонија повторно постигна погодок, но голот на Чурлинов беше поништен поради офсајд. На спротивната страна холанѓаните креираа неколку прилики, но Димитриевски не дозволи четврти погодок.

OhridNews