Македонската фудбалска селекција за прв пат ќе биде дел од Европското првенство во фудбал, откако триумфираше во групата Д во УЕФА лигата на нации. „Црвено жолтите“ во финалето славеа против Грузија со минимални 1-0 (0-0) и го зграпчија билетот за учество на континентален собир.

Со пласманот на ЕП, Македонија го остварува најголемиот успех, но и сонот на Горан Пандев кој е еден од најдобрите спортисти во нашата земја.

Некаде околу половина час им требаа на репрезентации да се заканат кон головите. Првата а и втората шанса ја имаа домаќините, но еднаш на место беше нашиот голман Димитриевски, а вториот обид заврши над голот.

Македонија својата шанса ја имаше преку капитенот Пандев. Ударот со глава на капитенот со крајни напори го одбрани Лорија. На крајот од првото полувреме грузијците повторно нападнаа, но Македонија ги издржа налетите и не дозволи погодок.

„Црвено жолтите“ на стартот од второто полувреме се поправија во играта на средината од теренот и ја презедоа иницијативата. Плодот од таквиот развој на настаните дојде во 55-та минута кога после една фудбалска минијатура на Елмас, Несторовски и Пандев, капитенот ја затресе мрежата на грузијците.

Грузија не успеа брзо да се соземе од шокот, туку играше брзоплето и грешеше. До финишот на натпреварот не успеаја ниту да се заканат да го изедначат резултатот. Во меѓувреме Македонија имаше шанса преку Елмас кој за малку биеше над голот.

Во последните моменти Димитриевски со сигурни интервенции ја смири играта во нашиот состав кој го одбрани минималното водство, доволно за фудбалска историја и надигрување со најдобрите селекции во Европа.

Радувај се Македонијо!

OhridNews
Фото: Екипа.мк