Од вчера во Охрид отпочна со работа летниот камп на „Autodesk Makedonija“ за 3ds MAX & V-Ray, наменет за професионален тренинг и обука на архитекти, дизајнери, ТВ и филм артисти, „девелопери“ на игри и CG артисти.
Кампот во „Извиднички“ кој ќе трае до 24-ти јули, предвидува напредни работилници со голем број тренери и предавачи докажани во ова поле, дружење и плажа, полн пансион на ривиерата, а новитет оваа година е што учествуваат луѓе од цела Македонија.
„Интересот е огромен, а оваа година курсевите ќе ги водат 3-ца инструктори. Се работи за интензивни курсеви наутро и во попладневните часови. Имаме развиена добра програма, а потврда за тоа е што „Аутодеск“ нам ни даде лиценца за целиот Балкан.“ – вели Никола Кумев, инструктор за 3DS MAX на „Аутодеск Македонија“.
Во рамки на летниот камп предавање ќе има австралиецот со македонско потекло, Жарко Грчаревски. Предавањето е бесплатно, а истото е исклучиво наменето за машински инженери и лицата од лимарската индустрија.
„Г-динот Жарко Грчаревски веќе 20 години предава во најаката школа во Австралија 2К2. На 23-ти јули во 15 часот, ќе одржи предавање за софтверот „inventor“. Сакам да ги повикам сите кои имаат интерес да го посетат тоа предавање, кое е бесплатно. Особено е важно за инженерите од лимената и машинската индустрија, бидејќи тој софтвер најмногу се користи таму.“ – потенцира Кумев.
Познатиот доктор – ортопедски хирург, уметник и поет, Драган Спасески-Охридски, пред присутните објасни дека ниту една уметност не може да се замисли без компјутерско знаење.
„Секој детаљ е многу важен и треба внимателно да се слушаат предавачите, бидејќи една мала ситница може да го поремети целиот систем. Неопходно е компјутерското знаење, посебно 3Д технологијата. Јас сум особено среќен што сум дел од овој курс, а се надевам дека ова ќе премина во една традиција, бидејќи Охрид има капацитет да го вопостави сето ова.“ – потенцира Спасески – Охридски.
„Аутодеск Македонија“ е компанија која веќе три години има лиценца од „Аутодеск САД“ и работи како тренинг институт за обезбедување на високо квалитетна обука за софтверите на Autodesk.
Освен во Скопје, компанијата курсеви одржува и во Штип и Битола, а во иднина планира да се прошири и надвор од македонските граници, поточно во Белград, Ниш, Нови Сад, Тирана и Приштина.
Во изминативе три години, околу 300 курсисти имаат земено сертификати – дипломи директно од Аутодеск Америка, признаени во целиот свет. „Autodesk Makedonija“ е единствена сертифицирана компанија во Македонија од страна на „Autodesk“. Посетителите на курсевите се стекнуваат со оргинални, светски признаени дипломи кои ги добиваат директно од „Autodesk“.
Заинтересирани повеќе информации можат да добијат на: [email protected], www.autodeskmakedonija.com, www.edukacijaanimacija.com
О.Т.











