Големиот ас и еден од најдобрите фудбалери на светот на сите времиња, Диего Марадона (60), почина од срцев удар, само две недели откако беше пуштен од болница каде беше третиран поради крварење во мозокот, јавија аргентинските медиуми, пренесува „Дејли Меил“.

Диего Армандо Марадона е икона на аргентинскиот и светскиот фудбал. Врвот на славата го доживеа во осумдесеттите години од минатиот век кога „гаучосите“ ги одведе на врвот освојувајќи го Светското првенство во Мексико во 1986. Таму го доби прекарот „божја рака“ поради голот со рака кој го постигна во нокаут мечот со  Англија. Но, на таа средба Марадона го постигна можеби и најдобриот гол во кариерата и воопшто на светските првенства, кој се прераскажува ден денес. Подоцна Марадона и Аргентина во финалето беа поуспешни од Германија со 3:2.

Марадона имаше блескава клупска кариера со Барселона, а потоа и со Наполи во Италија, со кој два пати ја освои тогаш супер силната Сериа А (1986/87 и 1989/90, како и еден Куп на Италија и Куп на УЕФА. Во 1991 година доби 15 месечна суспензија поради користење кокаин, по што ја заврши кариерата на Апенинскиот полуостров и се пресели во Севилја. Играше и за Аргентинос јуниорс, Бока јуниорс, Њувилс олд бојс, а кариерата ја заврши во Бока. На 491 меч во клупската кариера постигна 259 гола

На СП во Италија 1990 Марадона и Аргентина беа поразени од Германија во финалето со 1:0. Четири години подоцна тој повторно ја предводеше Аргентина на СП, овој пат во САД. Токму таму се се’ промени во кариерата и животот на Марадона. По позитивниот допинг тест (ефедрин), тој беше исфрлен од мундијалот. Скандалите со употреба на дрога и алкохол продолжија да го следат и по завршување на професионалната играчка кариера.

Марадона се испроба и во тренерските води. Во 2010 ја предводеше Аргентина од клупата, но генерацијата на Меси не оствари забележителен резултат во Јужна Африка.

Фудбалскиот шампион продолжи да го шокира светот со неговите испади во јавниот живот. Но, срцето на го издржа убиственото темпо на немирниот дух. Се редеа здравствените проблеми на Марадона еден по еден. Неговата состојба драматично се влоши минатиот месец, беше подвргнат на операција, а две недели потоа тој почина во шеесеттата година од животот.

Фудбалскиот бог сега е на небото.

Г.М.