
Речиси две децении Џими беше заштитен знак на Охридњуз и синоним за слободна мисла. Колумнист со остро перо и препознатлив стил кој остави силен впечаток на медиумската сцена.
Да се мисли слободно е идеал, а да се пишува слободно и опсервира македонското секојдневие храброст. Неговиот стил беше специфичен, необичен, истовремено уникатен и оригинален. Може да ви допаѓа или не, но никого не остава рамнодушен.
Колумните на Џими се секогаш актуелни, па дури и тие напишани пред речиси две децении:
„Ојде летово. Ојдоа и живциве. Не за друго…..Криво ми е кога за нишо не криват нас охриѓаниве. Сакаш на секој да му погодиш, а тие….
„Ејјјјјј. Алооооо. Кај паркираш море слепец еден. Ќор си дека тука го тресам чаршавов од ручек? После ќе јајш трици, охриѓани ги мрзат скопјани и намерно ги….Кај ќе ја истресам пепељарава, сељак еден“. „Знам бе дечки, ама кај да паркирам коа на секаде згради сте…….“. „ Кому бре ти дечки. Ќор си дека сум сум сам, дечко ќе речиш. И нема ама!! Од Скопје дојде да ми кажвиш кај сме кренале згради или да се капиш по плажине. А заинет од вас скопјани, ќе крениме згради и на сред плоштат, па да ве видам кај ќе пиете кафе, за 80 денари. Море за вас, не 80, 180 денари едно кафе ќе го напрајме.“
Збеснав.Немал кај да паркират? Јас немам кај да паркирам, граѓанин на Охрид, ( иначе в центар живеам, ама позади општинава, кај овие ископаниве улици ) не нему ќе му се мислам кај да……И после цела Македонија сме ја мрзеле? И скопјани и битолчани и …как да не….“
02.10.2007.
Џими повеќе не е меѓу нас, но остануваат неговите колумни во архивата на OhridNews како сведок на едно време и на Човекот што не се плашеше гласно да го каже она што другите тивко го шепотеа или мислеа. Охрињуз загуби соработник, колега, другар. Патувај драг Џими високо!
Посмртните останки на Наумче Новески – Џими ќе бидат изложени во капелата на градските гробишта во Охрид во среда, 17 јуни од 13 до 13:30 часот, по што тој ќе биде погребан.
Г. Момироски












