По кратко боледување, рано утрово почина Драган Чубриќ (67), долгогодишен новинар од Охрид.

Чубриќ дипломирал новинарство во Белград. Имаше плодна и богата новинарска кариера. Беше дописник на дневните весници „Нова Македонија“, „Вест“, во еден период работеше и како уредник во локалната телевизија ТВМ, а беше сопственик и уредник на порталот „ОhridLive“. Последните години беше дел од тмот на порталот „SDK.mk“ (Сакам да кажам).

Негова пасија беше авиомоделарството. Беше претседател на Аерооклубот „Охрид”. Ќе остане запаметен по љубовта кон новинарството, новинар од „стариот ков“, доследен на професија.

Чубриќ во својата долгогодишна кариера и објавените безброј текстови, остави белег во охридското и македонското новинарство.

Од Драган Чубриќ се простија колегите од медиумската заедница во Охрид:

Нека ти е вечна слава и почит, колега Драган Чубриќ.

Збогум пријателе и почитуван колега Драган Чубриќ. Не напушти ненадејно и спокојно замина во вечноста, замина во светот на чесните, добродушните и луѓето со добра волја. Замина како бележит професионалец, доајен на охридското и македонско новинарство, пример од кој треба да учат младите генерации.

Успешно се справуваше со сите професионални предизвици, зошто сила ти даваше борбата за обичниот човек, правдата и правичноста на јавно достапниот збор. Зборот за тебе беше оружјето, а вистината одбрана од неистомислениците.

Новинарството го учеше кај легендарниот Лукач во Белград, го примени во ,, Нова Македонија”, ,, Вест” , порталот ,, Сакам да кажам” и твојот ,,OhridLive “ каде ги напиша последните реченици.

Во професијата одевме пред времето. Во средината на осумдесеттите, заедно со прерано починатиот и легендарен Миле Битрак од ,, Видеоинжинееинг”, сонувавме за да ја направиме првата кабловска телевизија. Ние не успеавме, но за среќа, тоа го направија други истомисленици.

Заеднички се боревме за многу нешта и ги браневме човековите вредности со надеж дека побројни ќе бидат нашите следбеници. Во еден текст за мене напиша дека сум новинар со големо Н. Јас со тебе се збогувам со пораката дека ти беше професионалец со сите големи букви – НОВИНАР.

Нека ти е вечна слава и мирна душа, драг пријателе и колега Чубриќ.

Со почит
Симон Илиевски

Беше ВИСТИНСКИ БОРЕЦ до последниот здив, беше ВИСТИНСКИ ПРИЈАТЕЛ со кој, секој ден и долги години, со задоволство се дружев, разговарав и пиев кафе. Беше ВИСТИНСКИ ДРУГАР со кој, изминатиов месец, за жал, само телефонски се слушавме, секое утро и доцна попладне. Од ова утро, по молкот од неговиот мобилен, знам дека ВИСТИНСКИ ЌЕ МИ ФАЛИ ЦЕЛ ЖИВОТ. Драган Чубриќ беше и ќе остане ВИСТИНСКИ ЧОВЕК и ВИСТИНСКИ ПРОФЕСИОНАЛЕЦ во новинарството, кој ја има мојата почит и огромната благодарност за секој заеднички миг, за покажаната поддршка, разбирање и мудрите совети. Драган, ЖАЛ МИ Е што прерано замина, но ти, ЗАСЕКОГАШ ОСТАНУВАШ ВО МОИТЕ МИСЛИ, СЕЌАВАЊА И МОЈАТА ДУША.

Стефан Димовски 

OhridNews