На 75- годишна возраст, вчера, во Охрид почина Владо Маленко, долгогодишен археолог, советник кустос кој целиот работен век го помина во Националната установа Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид.

Владо Маленко дипломирал на катедрата за археологија при Филозофскиот факултет во Белград во 1965 година. Веднаш по дипомирањето се вработува во Заводот за заштита на спомениците на културата – Охрид, а по интеграцијата на оваа институција со Народниот Музеј во 1973 година продолжува со работа во новоформираната установа. Во 1978 година се здобива со звање Виш конзерватор – археолог, а од 1986 до 1990 година работи како директор на Заводот за заштита на спомениците на културата и народен Музеј – Охрид. Врши археолошки истражувања од областа на античката и средновековната археологија во охридскиот регион, како и конзервација и заштита на бројни споменици на културата во овој регион. Во НУ Завод и Музеј – Охрид работи се до неговото пензионирање на 17.09.2003 година.

Во својот работен век објавил голем број на трудови во периодични и посебни изданија од областа на археологијата и учествувал на повеќе домашни и меѓународни конгреси и симпозиуми. Исто така во матичната институција во два мандати бил Претседател на Управниот Одбор, а во моментов беше актуелен член на Управниот Одбор при НУ Завод и Музеј – Охрид.

НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид комеморативна седница ќе одржи утре, 22- ри октомври во просториите на Куќата на Уранија во 10 часот, а посмртните останки ќе бидат изложени во капелата на градските гробишта во Охрид во периодот од 12 – 13 часот.

OhridNews