Започнаа уписите во јавните средни училишта во учебната 2026-2027 година. Пријавување како и во изминатите години е електронски и се спроведува преку порталот e-uslugi.mon.gov.mk, каде што учениците се најавуваат со веќе постоечките кориснички сметки на schools.mk.

Првото пријавување на учениците во јунскиот уписен е од денес до 15 јуни, а доставувањето на потребната документација до училиштата е на 16 и 17 јуни. Конечната ранг листа со резултатите од запишувањето и слободните места, училиштата треба да ја објават на 18 јуни.

Второто пријавување во јунскиот уписен рок е на 23 јуни, додека доставувањето на потребната документација до училиштата е на 24 јуни. Третото пријавување е на 20 август.

Во Охрид во четирите средни училишта има слободни места за 697 ученици, од кои во ОСУ „Свети Климент Охридски“ – 136, СОСУ „Свети Кирил и Методиј“- 134, ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ – 302 и во РЦСОО „Ванчо Питошески“ 125 ученици.

Конкурсот со слободните места и јавните средни училишта учениците можат да го најдат на линкот.

Од Министерството за образование посочуваат дека за учениците од голема помош при изборот, може да биде онлајн водичот за квалификации – https://kvalifikacii.crso.gov.mk/, кој ќе им овозможи да донесат информирана и правилна одлука за струката во која ќе продолжат да се едуцираат и понатаму да работат.

OhridNews