Вечерва во Трпејца започнува новото издание на културно – забавното лето „На зајдисонце“. Манифестацијата во име на покровителот Општина Охрид се очекува да ја отвори претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиноски.


Следниот ден – петок терминот од 20:30 часот е резервиран за документарниот филм „300 години саат кула – чувар на времето во Охрид“ во продукција на Охридњуз, а работен по сценарио и режија на Горан Момироски.
Вечерта ќе следи настапот на пејачката група и оркестар на „Ѓердан од бисери“ под уметничко раководство на Татјана Узуноска – Тренеска.
Ден потоа ќе бидат прогласени најдобрите фотографии од конкурсот „Трпејца сликана со мобилен“, ќе настапи танц групата „Езерски ѕвездички“ раководена од Татјана Стојческа, а ќе биде прикажан и документарецот „Охрид, Охрид убав мил“ работен по сценарио и режија на Илија Пиперкоски.
На 26 јули, недела во Трпејца ќе се одржи вечерта посветена на НУ Библиотека „Григор Прличев“. Директорката Христина Трпеска ќе ја претстави установата пред публиката, ќе биде прикажано видеото за најстарата книга во сопственост на Библиотеката „Пчињското евангелие од крајот на XVI век“ како документарецот „Роднокрајни автори 2026“, дела на м-р Милчо Јованоски.

Честа да го затворат јубилејното „На зајдисонце“ ќе им припадне на актерката Марија Кондовска со изборот поезија „Стихови за водата, езерото, Охрид и Трпејца“, настапот на младата флејтистка Бојана Размоска од Пештани и фотографот Никола Павлески со кого заедно организаторите и публиката ќе се потсетат на петнаесетте изданија на летото.
Сите настани се бесплатни за публиката и се одржуваат на отворено. И ова издание на манифестацијата „На зајдисонце“ е помогнато и од угостителите од Трпејца и други спонзори кои со години ја препознаваат улогата и ентузијазмот на организаторите.
OhridNews













