Со низа пригодни манифестации, Охрид во наредните три дена ќе ја одбележи годишнината од смртта на големиот поет и преродбеник Григор Прличев.

Свеченостите ќе започнат со полагање ловоров венец и свежо цвеќе пред бистата на Прличев во дворот на основното училиште „Григор Прличев“, кое денеска го одбележува патрониот празник. Во рамки на свеченостите ќе биде извршена и презентација на нови технологии во наставата по ТО, а ќе се промовира и книгата ” Седумте желби ” од Дамјана Видическа. Свеченостите вечерта ќе бидат заокружени со свечена приредба.

Во сабота, на 5 февруари во 11 часот ќе биде отворена изложба на  ликовни дела од колекцијата на Центарот за култура, по што ќе биде промовирана и книгата „Жезлото на Свети Климент“ од  Никола Бошале. Ќе биде претставена и поемата „Адам од Говрлево“ од Милован Стефановски, добитник на наградата „Григор Прличев“ за 2010 година.

Традиционалната Прличева визита ќе се одржи во сабота во 18 часот, а во нејзини рамки ќе се одржи трибина на тема „Охридските писатели во македонската литература за деца“.

Панихида на гробот на Григор Прличев ќе се одржи в недела напладне, а еден час подоцна пригодна програма ќе има и во Спомен-куќата на Григор Прличев.

OhridNews