Денес и утре е првиот уписен рок во сите средни училишта во земјава, чии резултати ќе бидат објавени на 25-ти јуни. Второто пријавување во овој уписен рок ќе биде на 30-ти јуни и 1-ви јули, а пријавувањето и запишувањето во августовскиот рок ќе се изврши на 21-ви август.

Според конкурсот кој Министерството за образование го објави во март годинава, во четирите средношколски образовни институции во Охрид во учебната 2014/2015 година, во прва година ќе можат да се запишат вкупно 1.146 ученици.

Во гимназијата „Св. Климент Охридски“ ќе може да се запишат 272 ученици со завршено основно училиште. Во општинскиот електро-машински училишен центар „Св. Наум Охридски“ отворени се 432 слободни места во 13 паралелки, а во угостителско-туристичкото училиште „Ванчо Питошески“ ќе може да се запишат 272 полуматуранти, кои ќе бидат распределени  во 8 паралелки.

Министерството за образование годинава даде зелено светло на одлуката на Советот на општина Охрид за формирање на Средно општинско стручно училиште „Св. Кирил и Методиј“ во кое, ќе имаат можност да се запишат вкупно 170 ученици. Од нив 136 во економско-правната и трговската струка, а 34 ученици во здравствената струка.

OhridNews