Од денот на влегувањето во оптек на полимерните банкноти во апоенска вредност од 10 и 50 денари, книжните банкноти во истата апоенска вредност веќе нема да бидат законско средство за плаќање. Но, доколку ги поседувате и на 15 мај, нив ќе можете бесплатно да ги замените за други банкноти или ковани пари во еквивалентен износ. При замената не мора да добиете исклучиво полимерни банкноти, туку може да добиете и ковани пари или, пак, книжни банкноти со апоенска вредност поголема од 50 денари доколку вкупниот износ на вашите книжни банкноти е најмалку 100 денари, информираат од НБРМ.

Од 15 мај годинава до 15 мај следната година, ќе можете да ја извршите замената во деловните банки во Република Македонија. Доколку и по 15 мај следната година поседувате книжни банкноти во апоенска вредност од 10 или 50 денари, ќе можете да ја извршите замената исклучиво во Народната банка на Република Македонија.
И по 15 мај годинава, кованите пари во апоенска вредност од 10 и 50 денари ќе бидат во оптек, со што и натаму се законско средство за плаќање во Република Македонија. Тоа значи дека и натаму ќе можете да ги користите и за нив не треба да вршите замена за банкноти или ковани пари во еквивалентен износ.

Имајќи предвид дека станува збор за банкноти од ниска апоенска вредност, по 15 мај, нив ќе можете да ги добиете при вашите готовински плаќања или на шалтерите на деловните банки. Доколку банкнотите ви се потребни за колекционерски цели, можете да се обратите во Дирекцијата за трезорско работење на НБРМ.

Полимерните банкноти претставуваат платежно средство коешто може да се користи за готовински плаќања, исто како и сите други банкноти. Оттука, со нив ќе можете да вршите и готовински плаќања преку автоматите за наплата, откако фирмите коишто ги инсталираат овие автомати во Република Македонија ќе ги приспособат нивните софтвери за да ги препознаваат карактеристиките и заштитните елементи на полимерните банкноти во апоенска вредност од 10 и 50 денари.