До Министерството за култура (Секторот за заштита на културното наследство), Управата за заштита на културното наследство и Заводот за заштита на спомениците од Охрид, доставено е барање за итна привремена заштита на куќата на ул. „Димитар Влахов“, сместена во непосредна близина на старото градско јадро на Охрид, каде деновиве отпочнаа градежни активности за изградба на станбен објект.

Во барањето наведовме дека станува збор за исклучително вреден примерок од т.н. еклектична градска архитектура од периодот меѓу двете светски војни (поточно од 1927 година), со уникатни архитектонски обликовни и декоративни елементи, какви што се сочувани во мал број не само во Охрид, туку и пошироко во Македонија. Затоа, шокантно е што овој објект досега не бил заштитен согласно Законот за заштита на културното наследство, со што би се обезбедило неговото сочувување и за следните генерации, како дел од Исклучителните универзални вредности на Охридскиот Регион како светско културно и природно наследство, впишано на листата на светско наследство на УНЕСКО. Дополнително, куќата претставува дел од една потенцијална заштитена амбиентална целина, во која припаѓаат слични куќи градени во истиот период долж оваа улица, како и на ул. „Даме Груев“, во центарот на Охрид, велат од неформалното движење Охрид СОС кое е подносител на иницијативата.

Оттаму велат дека согласно Планот за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион (2020 – 2029), за оваа зона предвидува урбана реконструкција, односно воспоставување состојба која ќе ги подобри условите за живеење и работа и дека истиот забранува окрупнување на градежни парцели, за да се превенира изградба на габаритни објекти. Бараат стопирање на градежните работи со цел да се спречи понатамошно оштетување на објектот и  веднаш да донесат Решение за негова привремена заштита.

Куќата со препознатлива архитектура на улицата „Димитар Влахов“ во непосредна близина на ООУ „Григор Прличев“ и детската градинка, е во приватна сопственост.

OhridNews
Фото: Охрид СОС