Подобрени условите во ЈЗУ Специјализирана болница за кардиоваскуларни заболувања-Охрид преку донации од поединци и општествено одговорни институции. Овие донации значително влијаат на вкупниот квалитет на здравствените услуги за нашите пациенти, истакна директорката на установата Елена Коваческа Башуроска на денешната прес конференција.

Со помош на овие донации ја променивме дограмата на поголем дел од објектот – во одделот за рехабилитација, болничкиот и амбулантно поликлиничкиот оддел, а делумно е реновирано и едно крило во одделот за рехабилитација, вели директорката.

Упатува огромна благодарност на сите оние кои ги помогнаа овие проекти: Трим и Лум- Струга, Кармен Бауцентар- Охрид, Инекс Олгица хотел- Охрид, Сара мебел с.Горенци – Дебарца, Хотел Лаки- Охрид, Биотек- Скопје, Крка фарма- Скопје, ПН –Метал – Охрид.

Покрај претходно наведените, за нас посебно важна инвестиција е последната, која се однесува на одделот за интензивно лекување и салата за интервентна кардиологија. Имено, во тек на последниве два месеца беше комплетно променет електростатскиот под, сменета електричната инсталција и реновирани тоалетите во овој простор кој преставува срцето на нашата дејност, каде секојдневно се водат битки за нечиј живот, додава Коваческа Башуроска.

Благодарност директорката во оваа насока упатува на заштитното друштво Отпад -Охрид, АД Илинден Струга, Класик компани 2010- Охрид и Набизи – Струга.

Исто така сакам да потенцирам дека е во тек монтирање на новиот ангиограф добиен преку Министерството за здравство, на што долго чекавме, што секако ќе влијае врз квалитетот на услуги во одделот за Интервентна кардиологија.

Директорката го најави и одбележувањето на 40-годишен јубилеј кое ќе се одржи на 29-ти септември во Катедралната црква Света Софија, а се поклопува со Светскиот ден на срцето.

Тоа е можност да направиме ретроспектива од почетоците до денес со осврт на тоа каде се наоѓаме денес во кардиологијата во рамки на нашата држава. Да напоменам дека овој јубилеј е значаен не само за нас како институција, туку и за градот Охрид и за целиот регион. Свесни за тоа, сите заедно скромно ќе го обележиме овој ден. Морам да нагласам дека за организирање на овој настан нема да биде потрошен ниту еден денар од здравствениот буџет, додаде Коваческа Башуроска.

Н.С.Ј.