Скоро 40 години манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“ успева да се одржи и ја зацврстува својата позиција на културната мапа на Македонија и пошироко. Тоа што во 1988 година започна речиси спонтано, како реакција и желба за промоција на една престижна награда во родното Велестово, денес е една од највпечатливите и меѓународно признати културни манифестации.

Според основачот, поетот Славе Ѓорѓо Димоски, манифестацијата од почетокот ја наметнала својата оригинална форма, а денес одговара на барањата на новото време и се прават напори за нејзино содржинско освежување. Низ годините ќе останат забележани претставувањата на најзначајните македонски поети и сликари, но и над педесетина странски поети од Балканот, Европа и пошироко.

ON: Скоро 40 години манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“ успева да ја одржи традицијата. На што се должи овој успех? Како гледате на овој период од почетоците до сега? Што ги одбележаа овие изминати години, во поглед на интересот кај поетите, понудените програмски содржини, интеракција со публиката …?

Славе Ѓорѓо Димоски: Фестивалот „Поетска ноќ во Велестово“ за две години ќе го има својот четириесетгодишен јубилеј, доволно време да ја зацврсти својата позиција на културната мапа на Македонија, но да стане препознатлив и на меѓународна сцена. Препознатлив е и оригинален во својата отворен концепт кој дозволува постојано надградување и постојано движење низ сите уметнички форми кои, веќе полека ја затвораат четвртата деценија одржувајќи ја постојаната духовна и содржинска свежина.

Од почеток ја наметна својата оригинална форма која веднаш беше прифатена од културниот свет, а со секое ново издание изненадуваше со нови содржини и возбуди постојано држејќи ја во кондиција поетската енергија. Оригиналноста беше во тоа што во една вечер се претставуваше еден македонски поет и еден сликар, спојувајќи го зборот со бојата и како што растеше се надополнуваше со нови содржини преку театарски претстави, музички концерт, актерска изведба на поезијата итн. Сите овие форми низ годините се менуваа правејќи го фестивалот поразличен со секое ново издание, но првичниот концепт поет – сликар остана до денес.

Во нејзините рамки засекогаш останаа незаборавните претставувања на најзначајните македонски поети и сликари, како на пр. Гане Тодоровски, Анте Поповски, Јован Котески, Михаил Ренџов, Богомил Ѓузел, Радован Павловски, Матеја Матевски, сѐ до најмладите, а од сликарите: Вангел Наумовски, Родољуб Анастасов, Васко Ташковски, Владимир Георгиевски, Глигор Чемерски, Газанфер Бајрам, Коле Манев, Славко и Никола Упевче, Сергеј Андреевски, Мирослав Масин и многу други – значи една строга антологија која го зацврстува македонскиот културен и духовен простор. Но, она фестивалот што го прави интересен за публиката, посебно помладата е што тој одговара на барањата на новото време и во тој поглед се прават напори за негово содржинско освежување со цел да го одрази духот на тоа време следејќи го чекорот на актуелните светски случувања во сферата на уметноста.

ON: Зошто баш Велестово е избрано како место за одржување на манифестацијата?

Славе Ѓорѓо Димоски: Еднаш реков дека идејата за одржување на фестивалот е повеќе од банална, а сега делумно ќе ја повторам. Во далечната 1988 година го добив тогашното најголемо југословенско признание за млади таленти во различни области „Седум секретари на СКОЈ“. Правилото беше секој добитник признанието да го промовира во својата република, а јас сакав тој настан да се случи во Охрид, но дојде до недоразбирање со тогашниот директор на домат на култура „Григор Прличев“ и мојата одлука беше настанот да се одржи во Велестово, моето родно село.

Настанот беше исклучителен, атмосферата неповторлива, погледот од Велестово кон езерото и градот волшебен, чинот беше пропратен со голем публицитет и во разговор со присутните падна одлука да продолжи да се одржува секоја година. И така од година во година се градеше неговата конструкција за денес да имаме фестивал од голем формат и во интернационални рамки.

ON: Што го одбележа годинешното издание на манифестацијата?

Славе Ѓорѓо Димоски: Секоја година, по завршувањето на фестивалот велиме дека овојпат беше најуспешен, а таквиот впечаток доаѓа од постојаната содржинска свежина што тој ја носи. Годинава имавме поети од Ирска, Хрватска, Бугарија, Србија, Црна Гора, Романија и Македонија. Новото на фестивалот беше воведување на два диптиха, вечерно претставување на по двајца поети чии книги се преведен на македонски јазик.

Првиот диптих пред бројна публика се одржа на 22 август во Лапидариум при музејот „Куќа на Робевци“ во Охрид (прекрасен простор за вакви настани), а беа претставени книгите „Република на тишината“ од Павле Горановиќ (Црна Гора) и „Собирачи на коски“ од Томица Бајсиќ (Хрватска). Вториот диптих се одржа на 23 август во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во Велестово на кој беа претставени книгите „Најубавите години на нашите животи“ од Звонко Карановиќ (Србија) и „Утре ќе правиме ангели за пад“ Маја Ручевќ Карановиќ (Хрватска). Двата диптиха ги модерираше Јулијана Величковска. Другите содржини беа вообичаени: мал музички настап на бугарските поети Иван Христов и Петар Чухов, поетски портрет на Јовица Ивановски и ликовна изложба на Ивана Настески.

„Поетската ноќ во Велестово“ има потпишано меморандум за соработка со Меѓународниот центар за уметност и одржлив развој АРТ ПОИНТ – ГУМНО од с. Слоештица, при кој секоја година се одржува ликовна колонија со уметници од светот. Оваа година поетите гости на „Поетска ноќ во Велестово“ има можност да се сретнат со сликари од Чешка и да си разменат творечки искуства: едните да слушаат стихови, а другите да ја разгледаат изложбата на чешките уметници и документарниот филм „Крајолици на човештвото“ од Јана Хунтерова, добитник на наградата „Златна потковица на фестивалот „Астерфест“ за 2026 година.

ON: Покрај домашните на манифестацијата учествуваат и странски поети. Каков е интересот и какви се нивните впечатоци?

Славе Ѓорѓо Димоски: На дваесеттото издание „Поетска ноќ во Велестово“ за првпат покани гости од други земји и од тогаш фестивалот стана меѓународен. Досега присуствувале над педесетина странски поети од Балканот, Европа и од светот, од соседните земји па сѐ до Фарските Острови. Од година во година кај нив расте интересот кон фестивалот, а тоа може да се потврди од мое присуство, а и од присуството на други поети од Македонија на интернационални фестивали на кои поети од различни земји некако слушнале за Поетска ноќ и се распрашуваат како можат да добијат покана и да присуствуваат на фестивалот.

Се разбира, кога имаме во предвид поет од друга земја внимаваме на квалитетот на неговата поезија и неговата репутација. Фестивалот поседува и драгоцена збирка песни посветени на Велестово, а речиси сите, без исклучок, странски поети имаат оставено драгоцен поетски прилог за Велестово кој ќе биде објавен во монографија за јубилејното издание.

ON: Програмата покрај поетските читања, опфаќа и промоции на книги, изложби, музички дел… еден спој на уметности. Дали овој програмски концепт би се задржал и во годините кои следат?

Славе Ѓорѓо Димоски: Промоцијата на книги се тесно врзани со самиот фестивал и со самите учесници. ПНВ Публикации од Скопје секоја година на неколку учесници, пред сѐ страници им објавува книга преведена на македонски јазик, како што спомнав погоре со двата диптиха. Оваа година имавме промоција и на книгата „Удут“ од македонската поетеса Вероника Димоска. Изложбите и малите музички настапи се дел од програмските рамки, а внимаваме, според можностите музичките делови да се од учесниците на фестивалот, како оваа година со бугарските поети.

ON: Каков е интересот кај помладите генерации да создаваат дела и да учествуваат на манифестации како Поетската ноќ во Велестово?

Славе Ѓорѓо Димоски: Внимаваме и кон младите поети, ги каниме, а многу доаѓаат од чисто љубопитство за да ги следат програмите на фестивалот. Бидејќи нашиот фестивал не е ревијален со настап на многу поети, ним им ги посветуваме јубилејните години, со заеднички настап и со објавување антологија со нивна поезија. Така ќе биде и јубилејното издание кое следи во 2028 год. Целта на фестивалот е да ги поддржуваат младите поети бидејќи тие се иднината на нашата литература и култура.

Н.С.Ј.