На 13-ти јули во дворот на црквата „Св. Ѓоргија“, друштвото на писатели на Македонија, како дел од иницијативниот одбор на проектот „Почувствувај ја Македонија со шестото сетило – срцето“, ќе ја одржи втората средба од поетскиот караван низ Македонија.

Со својата поезија ќе се претстават Видое Видически, Ленче Милошевска, Горан Анчевски, Љерка Тот Наумова, Мирче Нешовски и Мирјана Тренчева.
 
На настанот ќе бидат изложени делата на Милко Несторовски и Викторија Попоска, а концерт ќе изведе дуото Нина Милановиќ на виолина и Трајанчо Стојановски на гитара.
 
Мите Грозданов ќе ја изведе својата монодрама „Одбраната на Св. Кирил пред папата во Рим“, а целиот настан повторно ќе биде модериран од Сузана Апостолова и проследен од објективот на фотографката Каролина Пандовска.
 
Младинската организација „Почувствувај ја Македонија“ заедно со Здружението на пензионери на Македонија и иселеници, во соработка со Друштвото на писатели на Македонија потпишаа меморандум за соработка на заеднички проект со наслов „Почувствувај ја Македонија со шестото сетило – срцето“, каде се соединија енергијата на младите, мудроста на постарите и мислата на авторитетите на македонскиот пишан збор.
 
Низ Македонија ќе бидат организирани поетски читања, поддржани со изложба на уметници, музика, традиционални јадења и безброј убави мисли.
 
„Сакаме да дадеме силна порака дека Македонецот ги почитува своите вредности и безгранични убавини, а пред се е мирољубив и создаден да твори и подарува. Како организатори на овој настан за прв пат во нашата земја ја воведуваме наградата „Витез на македонскиот пишан збор“ која ќе биде доделена на еден од присутните писатели од Друштвото на писатели на Македонија“ – велат од организацијата„Почувствувај ја Македонија“.

OhridNews