„Поетски портрет“ на добитничката на „Златен венец“, холандската поетеса Анеке Брасинга, кој традиционално ќе се одржи во црквата „Света Софија“ во Охрид, денеска (27 јуни) е во фокусот на програмата на Струшките вечери на поезијата.
Публиката ќе има можност одблиску да се запознае со творечкиот опус на лауреатката, чие поетско дело зазема значајно место во современата светска книжевност.
Љубителите на пишаниот збор ќе имаат можност да присуствуваат и на традиционалното „Поетско кафе“ со добитничката на највисокото фестивалско признание, Брасинга.
Делегација на Струшките вечери на поезијата предводена од директорот Никола Кукунеш и добитничката на највисокото фестивалско признание „Златен венец“ на 65-тото издание на Струшките вечери на поезијата, холандската поетеса Анеке Брасинга беше на прием кај градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура и претседателот на Советот, Мите Стефоски.
Во фокусот на средбата беа значењето на поезијата како универзален јазик што ги поврзува луѓето и културите, како и улогата на Струшките вечери на поезијата како мост кој ги обединува поетит од сите светски меридијани.
Поезијата, како што заклучија соговорниците е чувар на јазикот, идентитетот и универзалните човечки вредности.
Брасинга истакна дека ужива во Струга и на Струшките вечери на поезијата. Таа изрази воодушевеност од градот на поезијата и вети дека повторно ќе се врати за да види како расте дрвото што го засади во Паркот на поезијата, но и како гостин на Струшките вечери на поезијата.
Директорот на НУМ „Струшки вечери на поезијата“, Кукунеш, одблиску го запозна градоначалникот Ќура со издавачката дејност на Фестивалот и со неговата улога во афирмацијата на македонската и светската поезија.
Ќура, пак, нагласи дека покрај Струшките вечери на поезијата, Струга им нуди на своите гости и исклучителни природни убавини, поради што градот претставува единствен спој на културата и природата.
Во рамки на денешната програма ќе се одржат и поетските читања „Современа македонска поезија 2“ и Меѓународното поетско читање „Созвучја“, на кои ќе настапат домашни и странски поети, продолжувајќи ја мисијата на фестивалот да биде место на различни поетски стилови и култури.
Јубилејните 65-ти Струшки вечери на поезијата почнаа во средата на 24 (јуни) со палење на фестивалскиот оган и читање на Константиновата Т`га за југ. Завршуваат во недела на (28 јуни) со традиционалното поетско читање „Мостови“ на Мостот на поезијата и врачување на највисоките фестивалски признанија „Златен венец“ на Анеке Брасинга од Холандија и „Браќа Миладиновци“ на Николина Андова Шопова.
Во рамките на фестивалската програма во понеделник ќе се одржи „Поетско матине“ во винарската визба „Тиквеш“ во Кавадарци.
OhridNews















